Карантинот ги нарушува детскиот говор и јазичните способности

Растат доказите дека изминатата година полна со карантини влијаеше врз детските јазични способности, велат резултатите од истрaжување, споделено од „БиБиСи“.

Податоците од анкета во која учествувале 50.000 ученици од училиштата ширум Англија покажуваат раст на бројките на четиригодишни и петгодишни деца на кои им е потребна помош со јазичните и комуникативните способности.

Доказите посочуваат дека намалениот јазичен развој може да има долготрајни ефекти врз учењето.

Властите велат дека инвестираат околу 18 милиони фунти секоја година за ублажување на ефектите.

Фондацијата за поддршка на образованието, која стои зад истражувањето, смета дека мерките кои се вовеле против пандемијата, им го ускратиле социјалниот контакт на децата, како и искуствата кои се исклучително важни за надградба на вокабуларот.

Со непостоечкиот или намалениот контакт со бабите и дедовците, физичкото растојание, укинувањето на детските дружби и носењето на маски во јавност, децата се оттргнати од разговорите и секојдневните искуства.

Според испитаните англиски училишта, резултатите велат дека 76 отсто од учениците кои започнале да одат на училиште во 2020 година имале потреба за дополнителна помош при комуникацијата за разлика од претходните години.

Ниам, која доаѓа од гратчето Волсал, веќе почнува самоуверено да разговара.

Како и многу други деца и нејзиниот живот бил ограничен од пандемијата, а нејзиниот социјален меур бил составен од нејзиното најблиско семејство. Ова ја направило мајката на Ним многу анксиозна за почетокот на школската часови.

„Таа е најмладата од класот и бев загрижена дека останатите деца се понапредни поради посетување на јасли и градинки. Се обидовме да ја подготвиме најдобро што знаеме. Таа се радуваше на новиот почеток, но не се знаеше со децата од класот, па бевме загрижени и за тоа. Сепак мојата најголема грижа беше фактот дека Ниам го помина речиси целото лето во карантин, па не знаев како ќе реагира на училница полна со деца“, изјавила Лиса.

Но пристапот на училиштето бил сосема во ред.

Уште една мајка, Ема, исто така била загрижена за почетокот на училиштето и дали нејзиниот син, Хари, ќе биде способен да ги комуницира неговите потреби.

„Се грижев дали ќе создаде нови пријалтелства, се грижев дека ако нешто го иритира дека ќе седи молчаливо во некое ќоше и нема да знае како да побара помош, или пак да каже што му пречи“, изјавила таа.

Но Хари бил дел од рана јазична интервенција во неговото училиште, програма која им помага на децата да го усвојат тримесечниот прогрес за побрзо време.

„Програмата направи очигледна разлика. Тој стана вистински дрдорко. Сега цело време постанува прашања и комуницира“, додала Ема.

Училишната директорка Сали Мајнер, потенцирала дека проблемите со комуникацијата биле навистина ограничувачки кај малите деца, особено доколку тие не се во можност да се изразат, да комуницираат со врсниците и да се објаснат.

„А тоа е најважно. Тоа е сè што му треба на детето за самодоверба. Без тоа, тие нема да се среќни, нема да растат и нема да бидат способни да ги добијат сите бенефити од интеракцијата со нивните врсници. Истражувањето покажува дека доколку детето има јазични потешкотии во раната возраст, тие имаат четири пати поголем ризик да имаат потешкотии со читањето, три пати поголеми шанси за проблеми со менталното здравје, двојно повеќе шанси да останат невработени и да имаат потешкотии при создавање на социјални кругови, па детската комуникација навистина е најважна за иднината на децата“, изјавила таа.

Директорката на Фондацијата за поддршка на образованието, изјавила дека постои голема загриженост кај образовните установи за комуникативните и јазични способности кај малите деца поради пандемијата.

„Резултатите што ги даде истражувањето, ги гледаме анегдотално секој ден низ училишните ходници“, додала таа.

Од скоро 50.000 четиригодишни и петгодишни деца кои треба да започнат со училиште од септември, на 25 отсто од нив им е потребна дополнителна помош за јазична способност за разлика од минатата година. Истовремено, постои загриженост и за влијанието од пандемијата врз децата од предшколска возраст.