„Карантин“ е збор на годината за 2020 според речникот „Колинс“

„Карантин“ е прогласен за збор на годината според речникот „Колинс“. откако беше забележан раст на употребата на зборот за време на пандемијата. Според „Колинс“, зборот го сумира споделеното искуство на билиони луѓе.

Лексикографите забележале над 250,000 употреби на зборот „карантин“ за време на 2020 година, додека зборот бил употребен само 4,000 пати во 2019 година. Листата на десетте најупотребувани зборови за време на пандемијата ги вклучува и зборовите „неплатен одмор“, „самоизолација“, „физичко растојание“, како и „коронавирус“.

Според речникот „карантинот“ се дефинира како „наметнување на строги ограничувања при патувањето, социјалната интеракција и пристапот до јавните простори“. „Карантин“ стана дел од заеднички јазик во време кога владите ширум светот одговорија на пренесувањето на коронавирусот со оваа мерка која ја стопира трансмисијата на вирусот.

Зборовите кои не беа поврзани со вирусот, а се најдоа на листата, се поврзани со социјалните и политичките пресврти во текот на оваа година.

Според „Колинс“, смртта на невооружениот афроамериканец Џорџ Флојд во САД, поттикна кратенката „БЛМ“ која повикува на движењето „Црните животи се важни“, да забележи раст во употребата. Регистриран е раст од 581 отсто на користењето на кратенката.

„Мегзит“ – терминот кој беше моделиран според зборот „Брегзит“, а се користи за повлекувањето на Војводата и Војвотката од Сасекс од нивните должности, исто така се најде на листата.

Социјалните медиуми допринесоа на листата на „Колинс“ преку зборот „Тиктокер“ кој опишува лице што споделува содржина на платформата „Тикток“, но и зборот „мукбанг“, термин кој доаѓа од Јужна Кореа и го опишува водителот на влогови во кои лицето пред камера јаде огромни количини на храна.

„Јазикот е рефлексија на светот околу нас, а во 2020 година доминираше пандемијата. Јазикот влијаеше на начинот на кој работиме, учиме, купуваме и социјализираме. Многу од земјите влегуваат во вториот карантин. Тоа не е збор кој треба да го славиме, но можеби, е зборот кој ја сумира оваа година за најголемиот дел од светот“, изјавила Хелен Њустед, консултантка за јазична содржина во „Колинс“.

Минатата година зборот на годината според „Колинс“ беше „климатски штрајк“, обележувајќи ја 2019 година како година во која 17 годишната Грета Тумберг предводеше глобално движење за климатска промена.

Претходни зборови на годината според „Колинс“

2019: „Климатски штрајк“

2018: „Еднократно/за една употреба“

2017: „Лажни вести“

2016: „Брегзит“

2015: „Непрекинато гледање“

2014: „Фотобомба“

2013: „Гик“

Оксфордскиот англиски речник секоја година одбира свој збор на годината. Во 2019 тоа беше „климатска промена“, во 2018 „отровно“, во 2017 година „младински земјотрес“ и во 2016 година – „пост-вистина“

Извор: BBC