Карабаш – рускиот град каде загадувањето на воздухот е начин на живот

Дрвјата и ридовите околу рускиот град Карабаш се безживотни и запалени. Реката е мртва, нејзината вода има порткоалова боја и е загадена, додека езерото добило црвеникава боја од премногу бакар и олово. Најзастрашувачко од се е што има планина од јаловина долга речиси два километри и го дели градот, а истовремено го загадува воздухот со песок кога дува ветар.

Ова се дел од застрашувачките впечатоци со кои се сретнал италијанскиот фотограф Pierpaolo Mittica, кој четири години поминал во фотографирање на најзагадените места во светот, а бил изненаден од сликата што ја затекнал на 200 километри северно од Казахстан.

„Никогаш во мојот живот немам видено место како Карабаш, каде загадувањето е толку очигледно и видливо околу вас. Изгледа како постапокалиптичен филм“, вели тој.

Градот бил населен во 1822 година од рудари на злато и оттогаш рударството било примарен занает. Karabash Copper Smelting Works била отворена во 1920 година и оттогаш започнало загадувањето на воздухот, водата и почвата.

„Тоа е најлошата еколошка катастрофа направена од човекот“, вели италијанскиот фотограф.

Тој го документирал градот како дел од неговиот фотографски проект Living Toxic кој има за цел да истражува еколошки катастрофи.

Загадувањето во овој град со 13 000 жители предизвикало сериозни здравствени проблеми. Во 1994 година, истражување направено од локалните власти покажало дека децата имале премногу застој во растот и претрпеле три пати повеќе дефекти при раѓање, во споредба со деца од друго место. Две години подоцна, Министерството за животна средина во Русија го прогласи градот како зона на еколошка катастрофа.

Фотографот често се жалел на тешко дишење и печење на очите, кожата и грлото кога работел во близина на индустрискиот капацитет.

Фабриката била затворена во 1980 година, но повторно почнала со работа осум години подоцна по притисокот од невработените жители. Руската компанија за бакар ја купи фабриката во 2000-та со оправдување дека се спровело генерално чистење, иако неодамна извештај покажал дека фабриката повторно испушта огромна емисија на штетни гасови.

Mittica заедно со својата придружба останале во градот три дена пред да ги уапсат, притворат и им било кажано да си заминат. Меѓутоа, цензурата која му била поставена била само поттик за да ја открие приказната, која како што вели тој, е помалку позната за јавноста. Според него, потребно е да се одржува вниманието на јавноста, невладините организации и владите за овие заборавени приказни.

Во продолжение, погледнете дел од фотографиите направени во Карабаш: