Kanye West ќе настапи на Гластонбери, фановите се запрепастени

Одлуката на менаџментот на најголемиот британски музички фестивал, Гластонбери, да го букира хип хоп артистот Kanye West за настап како главна ѕвезда на четвртата вечер од годинешното издание на фестивалот предизвика масовни негативни реакции од фановите, кои сметаат дека со ова, Гластонбери се оддалечува од својата суштина како рок фестивал.

Организаторката на фестивалот, Emily Eavis, ја соопшти веста на својот профил на Твитер: „Пресреќни сме што можеме да ве известиме дека го имаме едниот и единствен Kanye West како главна ѕвезда на саботната вечер на сцената „Пирамида““.

Веднаш по ова, фановите реагираа, најмногу токму на Твитер – еден од нив напиша: „Ако Kanye West настапи на Гластонбери, јас ќе го вратам мојот билет. Колку шокантна идеја. Тој не припаѓа никаде блиску до Гластонбери“.

Група разочарани фанови на фестивалот покренаа и онлајн петиција насловена „Откажете го настапот на Kanye West и донесете рок бенд“, која досега, за помалку од 24 часа, ја потпишале нешто повеќе од 4.000 луѓе. Во описот на петицијата пишува: „Kanye West е навреда за музичките фанови насекаде низ светот. Ние плативме стотици фунти за да одиме на Гластонбери и затоа очекуваме одредено ниво на забава“.

Фестивалот претходно соопшти дека годинава ќе настапат Foo Fighters. Гластонбери собира публика од околу 135.000 луѓе секоја година.