Канскиот филмски фестивал ќе се бори против Нетфликс со ново правило

Канскиот филмски фестивал се вклучи во битката меѓу глобалната филмска индустрија и услугата за стримање Нетфликс, забранувајќи ги филмовите кои не се премиерно прикажани во кината од официјалната конкуренција за најпрестижната награда, Златната палма.

Фестивалот, кој започнува наредната недела, објави дека секој филм кој сака да се натпреварува за наградата од наредната година, ќе мора премиерно да биде прикажан во француските кина.

Оваа година за прв пат на фестивалот учествуваа и филмови дистрибуирани од Нетфликс и Амазон. Многумина сметаат дека тоа е правилна одлука, во склад со иднината на филмската индустрија. Најавувајќи го репертоарот за фестивалот минатиот месец, директорот Тиери Фремо го опиша како „лабораторија на киното која е отворена за промени“.

Но, чекорот предизвика и протест од страна на Федерацијата на француските кина, бидејќи ниту еден од филмовите на Нетфликс, The Meyerowitz Stories на Ноа Баумбах во кој глумат Дастин Хофман и Адам Сендлер, и Okja на Бонг Џоон Хо со Тилда Свинтон, не се прикажувале во кината.

Од Канскиот филмски фестивал рекоа дека и двата филма ќе останат во официјалната конкуренција годинава, но дека ги промениле правилата за наредните години за да ги спречат филмовите кои директно се стримаат од емитување.

„Канскиот фестивал е свесен за нервозата предизвикана од недостокот на прикажување на тие филмови во Франција“, велат. „Залудно побаравме од Нетфликс да прифатат дека овие два филма ќе стигнат до поголема публика преку француските кина, наместо само нивните претплатници. Поради тоа, фестивалот жали што не постигнавме договор“.

Овогодишниот Кански филмски фестивал започнува со француската драма Ismael’s Ghosts со Марион Котијард и Шарлот Гејнсбург. Режисерот Педро Алмодовар е претседател на жири комисијата, составена од Вил Смит, Паоло Сорентино и Џесика Честејн.