Канго и Адријан Гаџа ќе добијат по 9000 евра државни музички субвенции

Симеон Иванов – Канго и Адријан Гаџа годинава ќе добијат најмногу пари од државните музички субвенции, откако жирито ангажирано од јавниот радиодифузен сервис МРТВ им одобри по две песни од годинешниот конкурс, во категоријата „ѕвезди“, која носи најмногу пари. Песните кои ќе ги снима Канго се насловени „Аманет“ и „Мала тајна“, додека Гаџа ќе се истакне со композициите „Ниедна како тебе“ и „Ми фалиш“. Во оваа категорија, 4.500 евра ќе добие и Горазд Чаповски, за песната „Река“.

Ланскиот член на жирито, Ристо Апостолов, годинава добива 6000 евра

Ланскиот член на жирито, Ристо Апостолов, годинава добива 6000 евра

На Ристо Апостолов од групата Водолија, кој лани беше член на жири-комисијата, му се одобрени две песни во категоријата „Врвен изведувач“: „Кога и како“ и „Љубовна песна“, за кои ќе добие вкупно 6.000 евра. Дополнително, Апостолов ќе добие пари и за „афирмирање на семејните вредности во општеството или многудетни семејства“, за песната „Топол дом“. Меѓу „врвните изведувачи“ се најдоа и Елена Георгиева, Махмут Ферати, Лидија Кочовска, Александар Ристевски – Принц, Димитар Андоновски, Влатко Лозановски, Ставре Ставрев од „Арија бенд“ и Катерина Таневска.

Меѓу музичарите кои годинава се избрани на конкурсот е и Ѓорѓи Крстевски, кој ќе пее „За Македонија“, во категоријата „Композиции кои ја афирмираат историјата на Македонија“. Крстевски се појавува како автор и на две други песни кои годинава ќе бидат финансирани од државата.

Во категоријата „Ѕвезди“ од народната музика, годинава се избрани песните на Момо Николовски и Миле Кузмановски. Максим Ристески е најистакнат во категоријата „Детски песни“ и за три избрани композиции ќе добие вкупно 1.200 евра од државата.

Ланскиот конкурс за државни музички субвенции измина во доминација на Кристијан Габровски, а остана запаметен и по поплаките на членовите на жирито дека доцни исплатата на нивните хонорари, иако субвенциите биле уредно исплатени.

Годинешната жири-комисија е во состав: Томислав Таневски(претседател), Љупчо Стојановски, Методија Автовски, Деан Ќурчиев, Дритон Сулејмани, Зоран Трпков и Константин Карев. Комплетната листа на изведувачи кои ќе добијат државни пари е објавена на веб-страницата на МРТВ, заедно со листата на изведувачи и автори кои биле одбиени.