Канаѓаните ќе гласаат која позната жена ќе се најде на нова банкнота

Премиерот Џастин Трудо вчера најави дека од 2018 година во Канада ќе се печати нова банкнота, на која ќе има позната жена од оваа земја.

Секој ќе може да номинира свој предлог преку веб страницата на Банката на Канада. За да биде земен предвид, изборот мора да биде граѓанка на Канада која починала пред најмалку 25 години.

Панел на „еминентни канадски академици“ потоа ќе го намали изборот на мала листа на предлози, со помош на анкети за јавно мислење и специјализирани експерти.

На крај, панелот ќе се одлучи за три до пет имиња кои ќе му бидат предложени на министерот за финансии Бил Морно, кој ќе ја донесе конечната одлука.

Деноминацијата на банкнотата сѐ уште не е позната.

Морно на почетокот на годинава изјави дека женско лице е добредојдено на новата банкнота, и побара помош од социјалните медиуми.

Меѓу предложените имиња тогаш беа првата канадска астронаутка Роберта Бондар, воената хероина Лора Секорд, уметницата Емили Кар и поетесата од племето Мохавк, Полин Џонсон.

На канадските банкноти нема друга жена освен кралицата Елизабета II од 2011 година, кога парламентот со мнозинство пратеници од конзервативната партија изгласа да ја замени активистката за женски права Тереза Касгрејн со мразокршач на банктнотата од 50 долари.

Извор: Mashable