Канаѓанец спасил 200 сириски бегалци, им изградил куќи и ги научил англиски јазик

Џим Естил е извршен директор на Данби, компанија за бела техника во Гелф, во близина на Торонто, Канада. Штотуку беше награден со Редот на Онтарио – највисоката чест во неговата провинција, за тоа што финансирал сместување на 56 сириски семејства.

Со мрежа волонтери, програмата им помага на бегалците да најдат сместување, работа и училиште за децата, за да можат комплетно да се интегрираат во канадскиот живот. Направил дури и канцеларии за нив и им помогнал да започнат сопствен бизнис.

Естил вели дека бил инспириран од еден од неговите најдобри пријатели – Франц Хасенфрац, бегалец кој побегнал од комунистичка Унгарија и во Канада отворил фабрика за автомобили со повеќе од 10 илјади вработени.

„Се обидував да им покажам на ксенофобите. Кога мислиме на Италијанци и Ирци, не ги гледаме како имигранти. За нас се обични луѓе“, вели Естил.

Во најлошиот период од бегалската криза, во летото 2015 година, Канаѓанецот пресметал дека ќе му требаат околу 30 илјади канадски долари за да помогне на семејство од пет или шест члена една година. Со буџет од 1,5 милиони долари, можел да им помогне дури и на 50 семејства.

Собрал група религиозни лидери за да започнат заедно проект наречен „Бегалци: Правилната работа која треба да ја направите“. Откако ја собрал локалната заедница, Естил успеал да „регрутира“ десетици волонтери да му помогнат со администрација, финансии, логистика и уредување со донациите.

Проектот стартувал во ноември 2015, кога напис за Естил се појавил во локалните весници. Потоа, бегалци од Блискиот исток започнале да контактираат со него, откако ја виделе веста на социјалните медиуми.

Некои од семејствата кои го контактирале имале среќа да бидат веднаш прифатени. Но, одлучувањето кој е компатибилен за проектот, а кој не, било тешко.

„Беше како средба со илјада питачи. На кого ќе му помогнеш? Како да избереш кој ќе гладува?“, раскажува.

Естил потенцира дека не сака семејствата да бидат зависни од проектот. Наместо тоа, само им дава можност да станат дел од заедницата.

„Не се работи за парите, туку за успешното сместување. Тоа се 50 семејства кои работат, плаќаат данок, купуваат храна каде што и ние купуваме и зборуваат англиски“, вели.

Додава дека секогаш има предизвици, но тоа не е поразлично од управување со бизнис. Како мотивација му служела мислата дека „не сака кога ќе има 80 години да знае дека не направил ништо за време на најголемата хуманитарна криза во неговиот живот“.