Канадски универзитет изгуби 11 милиони долари поради онлајн измама

МекЈуан Универзитетот во Канада префрлил повеќе од 11 милиони канадски долари (околу 9 милиони американски долари) на измамник кој се претставувал како фирма која го снабдува универзитетот со храна.

Вработените во универзитетот во Едмонтон, Алберта станале свесни за измамата во среда, на 23 август, како што пишува во нивната официјална изјава. Според универзитетот, напаѓачот испратил неколку мејлови кои ги убедиле вработените да ги сменат податоците за исплата на снабдувач со храна во кампусот. Откако му ги дале доверливите податоци, тој префрлил 11,8 милиони долари. Повеќето од парите се префрлени на трансакциски сметки регистрирани во Канада и Хонг Конг. Универзитетот сега соработува со властите во Едмонтон, Монтреал, Лондон и Хонг Конг за да го најдат измамникот.

Според универзитетот, компјутерските системи не се во опасност и не се украдени лични или финансиски информации. Измамата технички не е „хакирање“, туку изнудување. Напаѓачот ја убедува жртвата дека е легитимен соработник и го наведува самиот да му прати пари.

Дејвид Бехари, портпарол на универзитетот, вели дека речиси половина од украдените пари биле пронајдени и конфискувани во четвртокот.

„Огромен дел од средствата беа пронајдени – вкупно 6.347.000 долари – во банковна сметка во Монтреал и веднаш беа конфиксувани“, изјавил Бехари.

„Истражувањата открија дека голем дел од средствата биле префрлени на две различни сметки во Хонг Конг. Универзитетот започна граѓански и кривични постапки. Изнајмивме правна помош во Монтреал и Хонг Конг, а моментално работиме на случајот да ги вратиме сите пари“.

Тој тврди и дека украдените пари навистина биле наменети за снабдувачот со храна, како и дека универзитетот нема да им наштети на програмите и иницијативите на Универзитетот МекЈуан.