Кампувањето пред Влада продолжува

Граѓаните кои 50 дена спијат под отворено небо пред Владата ќе продолжат да кампуваат се до конечно заминување на Никола Груевски од функцијата премиер. Ова е ставот на опозициската СДСМ, но и на дел од граѓанскиот сектор кои се дел од широката коалиција „Граѓаните за Македонија“.  Вчера во кампот со дискусија се одбележаа 50 дена од формирањето на кампот, наречен Камп на слободата.

Според  потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, кампот е еден вид аргумент и во преговорите на политичките лидери и странците. Тој истакна дека кампот ќе продолжи да опстојува се додека е потребно, а тоа може да бидат денови или месеци.

„Има разни дилеми како понатаму. Борбата е на многу полиња и на многу фронтови и е упорна и истрајна. Протестот на 17 си ја заврши својата работа овој камп прави дрга работа, преговорите трета, се заедно води до конечен успех, а кога ќе ме прашаат до кога, велам се додека треба, нема враќање од ова“, вели Манчевски.

Според граѓанскиот активист Марјан Забрчанец, критиките на сметка на кампот можат да се добијат со низата вредности кои се придобивка од поставувањето на шаторите до денес.

– Многу дебати се отворија во јавноста кон кампот, формата на кампот, кон однесувањето на граѓаните кои живеат тука. Да не заборавиме дека од 5 до 17 мај, оваа улица беше недостапна за граѓаните. После бомбата за Мартин Нешкоски, власта одлучи да им го одземе овој простор на граѓаните, поставувајќи барикани од полицајци. После 17 мај, овој простор е ослободен и тоа е првата вредност. Друга вредност е што Кампот во првите денови креираше вести, со кој што светот, меѓународната јавност дозна за злоделата на Никола Груевски. Кампот е еден вид граѓански часовник кој отчукува за оваа Влада. Кампот е своевиден притисок ако се има предвид начинот на кој функционираше јавноста пред 17 мај“, рече Забрчанец.

Ова е 50. дискусија, откако се поставија шаторите пред Владата, по големите протести на 17.мај на опозицијата, граѓаните и граѓанските асоцијации, организации и движења, кои бараат оставка од премиерот Никола Груевски и одговорност од целата влада.

Секоја вечер во кампот се организираат дебати и обраќања поврзани со актуелната политичка криза во земјава и проблемите во поединечни сектори, а се споделуваат идеи и сугестии како да се надмине актуелната состојба.