Кампања за дополнителна едукација на возачите почетници

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата започна кампања за дополнителна едукација на возачите почетници, како и теоретска и практична обука.

Проектот на почеток ќе се реализира во Скопје, со најава дека ќе продолжи и во останатите градови во Македонија. Практичните обуки ќе се одржуваат со поддршка на Европскиот шампион и најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе. Начинот и формата за пријавување, како и условите за учество ќе може да се најдат на ФБ страницата на РСБСП, како и кај компаниите кои го поддржуваат проектот. Секој учесник по завршувањето на обуката ќе се стекне со сертификат за безбеден и одговорен возач – почетник.

Возачите почетници спаѓаат во категоријата на ранливи и ризични учесници во сообраќајот.

„Целта на проектот е подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата преку надградување на сообраќајната едукација на возачите почетници, со посебен акцент на зголемување на нивната практична обука за безбедно управување со моторното возило. На наше задоволство, ваков проект за прв пат се реализира во Македонија и истиот сериозно ќе подигне едукацијата и сообраќајната култура кај младите учесници во сообраќајот, а со тоа најважно ќе придонесе за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и жртви во нив“, велат од РСБСП.

Проектот се реализира како соработка на РСБСП и Порше Македонија.