Кампања: Повлечете кочница на омразата кон Ромите

Започна реализацијата на проектот „Pull the brake on Roma discrimination” чија цел е подигнување на свеста кај граѓаните за говорот на омраза и дискринимација на Ромите, поддржан од фондацијата „Remembrance, Responsibility and Future” и „Humanity in Action”.

„Значителен број на мислители, минати и современи, предложуваат дека човек може да му суди на општеството според начинот на кој ги третира неговите најранливи категории на граѓани и малцинства. Ако треба да му се суди на нашето, ќе добие многу негативна оценка на овој морален тест. Токму тоа е причината што натера група на активисти за човекови права да ги здружи силите и да ја лансира интернационалната кампања „Повлечи кочница на омразата кон Ромите!”. Како што и самиот наслов кажува, кампањата повикува на акција против дискриминација и говор на омраза кон Ромите преку покревање на свесноста кај мнозинското население за антициганизмот“, се наведува во соопштението за кампањата.

Покрај во Македонија, кампањата паралелно се спроведува и во други европски земји меѓу кои и Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Германија, Грција, Романија, Србија и Словачка.

Логото на кампањата – рачната сопирачка (за итни случаи) што може да се најде во јавниот превоз – упатува на итноста и важноста на прашањето. Преку повлекување на кочницата, барем во симболична смисла, односно со кликање на вебсајтот или со скенирање на флешкодот на стикерите,  луѓето можат да се приклучат на иницијативата и со тоа да помогнат во запирањето на дискриминацијата и говорот на омраза.

„Овие два феномени неспорно се во пораст. И покрај посветеноста на власта против дискриминација, ромските заедници сѐ уште се соочуваат со значајна сиромаштија, социјална ексклузија и пречки кон остварување на своите фундаментални права“, се додава во соопштението.

Ситуацијата е слична и низ цела Европа. Со извештајот на Агенцијата за фундаментални права од 2014 година се предупреди дека нееднаквиот третман на Ромите “може да влијае на нивниот пристап до квалитетно образование, што, за возврат, ја уништува нивната перспектива за вработување и заработка, условите за живеење и здравствениот статус, ограничувајќи ја нивната способност целосно да го искористат својот потенцијал”. Ромските заедници се стигматизирани со предрасуди и негативни стереотипи.

„Говорот на омраза е штетен бидејќи може да поттикне други лица да соучевствуваат во насилни активности против група на луѓе. Затоа, одлучивме да интервенираме во раздвижени простори каде што е поверојатно да се појави говорот на омраза – градот и особено јавниот градски превоз – затоа што луѓето се приморани да бидат блиску едни до други. Во соработка со Јавното Сообраќајно Претпријатие Скопје и Меѓуградската Автобуска станица Делчево во текот на месец септември ќе поставиме постери во градските и меѓуградските автобуси. До тогаш, ги повикуваме сите заинтересирани да го посетат нашиот вебсајт http://www.pullthebrake.eu/ каде може да се најдат статистички податоци за дискриминацијата на Ромите како и за можностите да се реагира против истата”, велат Маја Лозаноска, локален координатор за кампањата во скопскиот регионот и Ромина Кајтазова, локален координатор за кампањата во Источно Брегалничкиот регион, односно во општините Делчево, Пехчево и Виница.

Кампањата е лансирана на 22 јули во поддршка на Европската иницијатива да се прогласи овој ден за Европски ден на солидарноста со жртвите на насилство од омраза. На 22 јули 2011 година се случија нападите во Осло и масакрот во Утоја мотивирани од екстремна десничарска идеологија и расна омраза. Жртвите, главно млади луѓе, според сторителот биле предавници бидејќи нивните политички погледи биле про-имиграција и про-мултикултурализам.