Кампања на РСБСП: „Вози трезен -стигни жив“

Во текот на 2013 година, 198 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, во 2014 година 124 лица, односно бројот на загинати во сообраќајни незгоди е намален за 74 лица односно намалување за 37 проценти, покажуваат податоците на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Во текот на 2015 година за првите пет месеци, 39 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди.

Според РСБСП, индикаторите за безбедност на сообраќајот на патиштата покажуваат дека традиционално во летниот период бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди бележи тренд на зголемување.

Најчесто во тој период во сообраќајни незгоди страдаат младите лица а главна причина за сообраќајните незгоди е алкохолот односно управување на моторно возило под дејство на алкохол.

Токму поради тоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска ја најави кампањата против употребата на алкохол во сообраќајот насловена како „Вози трезен -стигни жив“. Оваа кампања ќе се реализира во текот на летниот период, заклучно со месец септември.

„Во рамките на кампањата „Вози трезен -стигни жив“ ке бидат изработени голем број на сообраќајно едукативни материјали , флаери, фрешери, плакати, налепници и др. и ќе биде организирана нивна дистрибуција до сите млади. Имено од страна на РСБСП, МВР и останатите младински организации и здруженија ќе бидат формирани тимови кои ќе ги посетуваат дискотеките, кафулињата и сите останати места каде младите најчесто се собираат и каде се консумира алкохол.

При овие посети покрај тоа што ќе бидат поделени сообраќајно едукативни материјали, доброволно ќе бидат правени алкотестови при што во зависност од резултатите ќе биде доделуван црвен или зелен картон. Целта на оваа акција е преку непосредна комуникација и разговор да им се укаже на младите за опасноста од консумирање алкохол и управување моторно возило под дејство на алкохол“, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Од РСБСП потсетија дека согласно Законот за измени и дополнување на законот за градење сите објекти со јавна намена се обврзани да обезбедат паркинг простор за велосипеди и неисполнувањето на оваа обврска предвидува парични санкции.