Кампања на ДПМ за поддршка на литературата за деца

Поради се помалиот интерес за книжевното творештво за деца, Друштвото на писатели на Македонија најавува кампања за поддршка на детската литература, која ќе се реализира во текот на овој месец.

„ ДПМ оценува дека ваквата неповолна ситуација зависи од повеќе фактори, меѓу кои од издавачите, списанијата, библиотеките, но и од самите автори, со оглед на фактот дека има се помалку писатели од поновите генерации кои се јавуваат со дела во оваа област“, се наведува во нивното соопштение по повод Светскиот ден на литературата за деца што се одбележува на 2 април, датумот на кој во 1805 година бил роден данскиот писател за деца Ханс Кристијан Андерсен.

На 16 април во Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи трибина на тема „Актуелни аспекти на литературата за деца“ на која ќе учествуваат писатели, наставници по македонски јазик во основните училишта, автори и читатели.

Еден ден подоцна поетскиот караван на ДПМ ќе гостува на Републичкиот детски фестивал „Ракатки“ што, веќе една деценија, го води познатата авторка, членка на македонската писателска асоцијација Славка Арсова. На средбата во Домот на хуманитарни организации „Даре Џабаз“ ќе настапат писателите за деца: Драгица Најческа, Есад Бајрам, Стојан Тарапуза, Косара Гочкова и Александар Кујунџиски.

На 18 април пак учесниците на Републичкиот фестивал на детското литературно творештво „Ракатки“, пионери од повеќе градови на Македонија, во ДПМ ќе имаат разговор со група познати автори во доменот на детската литература.