80 млади девојки од целата држава деновиве учествуваат на 18-тото издание на Кампот ГЛОУ (Girls Leading Our World) кој годинава се одржува во детското одморалиште Бегова Корија, на планините во близина на Крушево.
Во периодот од 25 јули до 1 август, учесничките ќе учат за граѓанска одговорност, лидерство, животна средина, младинска вработливост и оспособување на девојките. Дополнително, кампот обезбедува можности за кампување на отворено, тимска работа, учење различни спортови и рекреација, уметничко изразување и други корисни и практични вештини.
Кампот се одржува во организација на Младинската Асоцијација ИМКА во соработка со Мировниот Корпус.
„Мисијата на ИМКА и на овој камп е оспособување на младите луѓе и развивање на вродениот потенцијал кој тие го поседуваат преку обезбедување на вештини и знаења неопходни за да станат активни лидери во нивните средини. Ова се прави преку искуствено образование кое промовира разноликост, гради академски и социјални вештини кај младите. Програмата се темели на спој на неформалното образование и едукација на отворено“, појаснуваат организаторите.