Преку off.net.мк се прошири фотографија каде се гледа камион насред патеката на кејот на Вардар, каде секојдневно минуваат стотици велосипедисти, рекреативци, луѓе на ролери, родители со колички со деца… Фотографијата ја актуелизира потребата за поголема контрола на движењето и узурпацијата на најдолгата вело-рекреативна патека во Скопје.
Реагираа повеќе граѓани, а општина Аеродром ги повикува граѓаните да не ги паркираат своите возила и да не се движат со нив патеката на кејот.
„Апелот се однесува и на возачите на мотори и скутери, бидејќи на тој начин не само што се уништува патеката, туку и се попречува непреченото движење и безбедноста на велосипедистите и ролерџиите за кое е, всушност, наменета велосипедската патека.Освен тоа, со поплаки до Општината дека велосипедската патека ја користат несовесни возачи на автомобили и мотори, се обраќаат голем број граѓани и здруженија, меѓу кои и неформалната група на скопски велосипедисти ‘НаТочак’“, велат од Аеродром.
Истовремено, ја повикуваат и полицијата да ги преземе неопходните мерки за отстранување и казнување на возачите што непрописно се движат по патеките или се паркираат на овие недозволени места.
Претходно од иницијативата „НаТочак“потенцираа дека велосипедските патеки се проектираат и изведуваат да издржат многу помала тежина отколку камиони.
„Претпоставуваме дека ваквиот начин на користење ќе ги оштети значително. Исто така моторните возила кои се појавуваат на патеките се опасност по безбедноста на граѓаните кои ги користат и не би смееле да се појават без некаква најава, известување… На кејот се возат точаци, ролерки, се трча…Тоа му е намената. Кејот го користат луѓе од сите возрасти, од мали дечиња до постари луѓе. Кејот е ретко место каде сме изолирани од моторен сообраќај и тука особено не треба да стравуваме по својата безбедност“, рекоа од „НаТочак“.