Камионџиите протестираа пред Владата поради зголемената акциза на горивата

Транспортерите, со колона камиони со вклучени сирени пред Владата на Северна Македонија, денеска протестираа поради покачената цена на акцизата на горивата која беше усвоена од власта минатата недела како една од мерките за справување со економските последици од новиот коронавирус.

Транспортните превозници беа организирани од Асоцијацијата Макам-Транс, а на протестот побараа поддршка за нивниот сектор кој, според нив, е меѓу најпогодените од моменталната состојба. Тие побараа од надлежните да ја укинат одлуката за 3 денари поскапената акциза за горивата и наместо тоа да се воведе прогресивно даночење за сите дејности додека трае кризата.

Во текот на протест возачите на камионите останаа во своите возила, почитувајќи ги препораките на надлежните за намалување на ширењето на вирусот.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, за протестот изјави дека барањата на транспортерите не се основани и дека тие треба да покажат солидарност во здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот.

„Има три клучни аргументи. Прво, зголемувањето на акцизата е заради солидарност, заради граѓаните на оваа држава и апсолутно не е никаков дополнителен товар за било кого. Второ, цената на нафтата во моментов е помала за 20 денари во однос на јануари и февруари. Денеска со најновото намалување на цената на дизел горивото, таа е најниска во последните 20 години. Уште еден важен аргумент е тоа што цената на нафтата кај нас е најниска во споредба со сите земји од регионот“, изјави Сугарески, пренесе МИА.

Од Владата, покачувањето на акцизата за горивата ја правдаат со тоа дека Северна Македонија има најниска цена на нафта во регионот и дека средствата од оваа мерка одат директно во буџетот наменет за справување со коронавирусот. Од власта соопштија и дека промената на цената на акцизата нема никаков негативен ефект врз транспортната дејност.

„Во услови кога цената на нафтата е падната за 20 денари, зголемување на акцизата од 3 денари како анти-кризна мерка е оправдано и истото нема да се одрази на цените на транспортните услуги. Напротив, транспортните компании на почетокот на годината кога ги креирале своите финансиски планови не предвиделе ваков пад на нафтата, согласно тоа истите веќе остваруваат заштеди по основ на цените на нафтата кои ги плаќаат. Напоменуваме дека предложениот механизам овозможува и постепено враќање на постојните износи на акцизи во услови на нормализирање на цените на пазарот, што се очекува тогаш кога ќе заврши состојбата предизвикана од здравствено-економската криза заради коронавирусот“, велат од Владата.