Калкулатор пресметува за што се трошат вашите пари

Доколку ја земате просечната македонска нето плата од 22.187 денари, дневно давате по 425 денари на државата. Најголемиот дел од тие пари одат за пензиско осигурување и социјална заштита, а најмалку за животната средина.

Попрецизно, секој ден од вашите пари по 140 денари одат за пензиско осигурување и социјална заштита, 55 денари за здравство, 44 денари за образование, а 41 денар за општите јавни служби како Владата и Парламентот. 20 денари плаќате за полицијата, 16,5 денари за земјоделство и шумарство, 9,5 денари за војската, 7 денари за култура, 6,25 денари за судовите, 1 денар за спорт и 0,08 денари за намалување на загадувањето.

Овие податоци може секој поединечно да ги пресмета преку интернет калкулаторот „каде одат моите пари“ подготвен од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) кој од неодамна е достапен на секој граѓанин.

Калкулаторот е замислен на начин статистичките податоци за буџетските трошења да добијат индивидуален облик. Граѓанинот ја внесува својата месечна нето плата, додека од другата страна во истиот момент добива цифра на денари која дневно ја плаќа за функциите на централната власт преку придонесите од плата, персоналениот данок и ДДВ. Таа сума потоа граѓанинот може да ја види расчленета по државните сектори.

„Во нашето долгогодишно работење во оваа сфера свативме дека по малку се табуизираат и се подигаат на апстрактно ниво трошењата на јавните пари. Затоа направивме еден ваков веб портал во кои тие се презентирани на еден едноставен и сликовит начин, разбирливо за секој граѓанин. Секој може да ја впише својата плата и точно, до денар, да знае колку пари дневно плаќа, на пример за култура, објаснува Герман Филков председател на ЦГК“.

plata-i-budzet-1

Идејата покрај информирањето, е и да се поттикнат граѓаните на размислување за тоа дали буџетските средства се трошат според нивните потреби.

„Сметавме дека разбирајќи како се трошат нашите пари, граѓаните добиваат моќ да влијаат како тие пари да го подобрат квалитетот на нивниот живот. Ако јас сакам повеќе пари за култура, а гледам дека од мојата плата одат 5 денари дневно – можеби ќе се залагам да се трошат повеќе. Или за заштита на животна средина, образование и слично. Или можеби не сакам толку пари од мојата плата да се трошат за одбрана, туку сакам на нешто друго“, појаснува Филков.

На интернет страната opendata.mk, освен калкулаторот, можат да се најдат обработени и сликовити анализи и на другите истражувања на ЦГК. Во делот „јавни набавки“ се организирани сите државни договори над милион евра, во делот „индекс на рационалност“ се прикажани разликите помеѓу најниската и највисоката цена која ја плаќале различните институциите за ист предмет или услуга, а во делот „Буџет на РМ“, тој е илустративно расчленет до најситните расходи на државата.