Калиa Димитрова и Ена Бендевска од феминистичката платформа „Медуза“ доаѓаат на ENGAGE 2020

Медуза е феминистичка платформа основана во ноември 2018 и работи на создавање афирмативен (дигитален) простор за девојки, жени, родови и сексуални малцинства – и во суштина сите личности со желба да слушаат, учат и живеат феминистички, кои сакаат да градат меѓусебни мрежи на поврзување, да читаат едни за други и пишуваат: за себеси, за личните/системските (и сите измеѓу) проблеми со кои се соочуваат секојдевно; за своите избори, своите права, своите задоволства, своите тела, своите приказни…

Тимот на Медуза е мал, но моќен: Калиа Димитрова е основачка и главна уредничка на Медуза.мк, која работи со над 20 храбри авторки кои пишуваат за сајтот, а заедно со Ена Бендевска која е координаторка за комуникации, креираат содржини за социјалните мрежи, кампањи, акции, магии, итн.

Медуза е место на солидарност, еманципираност, отвореност, експерименталност, прифаќање и преку тој вредносен систем успеваат секојденвно да делуваат онлајн, преку сајтот meduza.mk и нивните социјални мрежи, како и офлајн, преку вмрежување, дружење, дискутирање и делување заедно со други локални иницијативи со кои го делат сонот за општество ослободено од родови норми.

На ENGAGE 2020 што ќе се одржи на 22-ри февруари со почеток во 12:00 часот во МКЦ, Скопје, Калиа и Ена ќе зборуваат на темата „Приказната на Медуза: Заземање на јавниот простор кој ни е потребен“

Инаку, деветтото издание на Конференција за социјален активизам ENGAGE 2020 ќе вклучи домашни и странски активисти-говорници на разни теми како дигитална демократија, животна средина, иднината на образованието и медиумите, како и правата на ЛГБТИ заедницата и граѓанската ангажираност.

Листата на говорници сѐ уште не е затворена. Во меѓувреме, регистрацијата за настанот е отворена, а можност за учество ќе имаат првите 300 пријавени учесници за конференцијата.

За да ја проследите конференцијата, може да се регистрирате тука.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.