Кал и танц на последната вечер на Unknown 2014

Последната вечер на Unknown 2014 беше најочекувана од сите – најавени беа сетовите на Totally Enormous Extinct Dinosaurs, Jackmaster, Eskimo Twins, Horse meet Disco, John Talabot и најголемите ѕвезди на фестивалот од EDM сцената, Disclosure.

Кал и танц на последната вечер на Unknown 2014

Пристигнавме за време на сетот на The 2 Bears на сцената Атлантис. Нивната селекција се состоеше од funk и house песни кои привлекоа голем дел од посетителите на фестивалот и создадоа диско атмосфера. На Атлантис настапија и Waze& Odyssey, кои пуштаа „лути“ техно нумери во чија монотоност на тактот уживаше публиката.

Кал и танц на последната вечер на Unknown 2014

На Планината го проследивме сетот на Force of Nature. Невообичаениот микс на oldschoolrave и funk беше малку „потежок“ за следење, па поради тоа само најголемите љубители на добра музика беа присутни и се забавуваа таму. На патот кон Шумата, и овој пат застанавме на Малата Медина. Повторно голем број од посетителите на фестивалот танцуваа на безгрижниот избор на Just a Little екипата. Од 80’s hip hop до комерцијални хитови, диџеите повторно ја „опуштаа“ публиката од вообичаената програма на фестивалот.

Кал и танц на последната вечер на Unknown 2014

Во Шумата не дочека енергичниот микс на Totally Enormous Extinct Dinosaurs. Тој, на почетокот од својот сет ја „загреа“ публиката со funk и house, преку garage и disco, за да стигне дури до класичната jungle трака “Code Red” од Conquering Lion (Rebel MC/Congo Natty). TEED успеа да го „зачини“ својот сет со различни жанрови и да ги разигра сите присутни во Шумата. Иако според официјалната програма ТЕЕD беше само „загревање“ за журката, реакциите од публиката покажаа дека журката веќе ја достигна кулминацијата. Сепак по него следуваше сетот на Disclosure – она за што најголемиот дел од публиката се појави во Шумата – ама истиот беше неочекувано репетитивен и помалку или повеќе (во зависност од нивото на конзумирани супстанци) монотон.

Започнаа со “When a fire starts to burn” и наместо во текот на миксот на публиката да и го овозможат задоволството да ги чуе нивните хитови од мега успешниот албум “Settle”, тие ги оставија за самиот крај. Ова не го предизвика очекуваниот ефект на климакс на забавата, поради тоа што голем дел од посетителите веќе беа премногу изморени од повторувачките мелодии кои ги пратеа низ целиот сет.

Утрото, за последен пат оваа година во шумата на кампот Амарин, посетителите на фестивалот Unknown го дочекаа заедно со Jackmasterи неговата „прошетка“ на публиката низ сите различни стилови на електронската музика за танцување.

Јована Ѓорѓиовска