Дали е потребно вклучување на подмладоците на политичките партии во Националниот младински совет, каква треба да биде нивната улога, дали ке помогнат или само ќе ја партизираат неговата работа? Ова се само дел од прашањата за кои расправаа младинските организации со дел од партиските подмладоци. Првичната идеја на иницијативниот одбор на Советот е да им се даде право и на подмладоците да учествуваат во работата и во креирањето на младински политики, но за почеток без право на глас. Како што посочува Дона Костуранова од „Младинскиот образовен форум“, треба да се согледаат искуствата на другите европски држави кои веќе имаат формирано вакви младински совети.
Izjava Dona Kosturanova by Radio Mof on Mixcloud
Иако на дискусијата беа поканети подмладоци од голем број партии, се појавија само неколкумина од нив. За Славко Јовановски од Демократскиот Сојуз, партиските подмладоци сакаат да учествуваат во работата на Советот, но потребно е да им се даде право на глас. Во спротивно, вели тој, нивното учество ќе биде маргинализирано.
Со него се согласува и Дино Блажески од ВМРО-Народна партија, кој посочува дека мора да се срушат стереотипите за политичките партии и да не се поистоветуваат со подмладоците.
Izjava Dino Blazevski by Radio Mof on Mixcloud
Членовите на младинските грагански организации пак имаат поделени ставови и околу потребата за вклученоста на подмладоците во идниот Национален младински совет. Едни велат дека тоа е неопходно, членството е бројно како и нивното влијание врз политичарите. Другите пак се сомневаат дека на овој начин може да дојде до политизирање на процесот. За Иван Јованов од „Младите можат“, членството во Советот не смее да биде борба за гласови наместо за идеи.
Izjava Ivan Jovanov by Radio Mof on Mixcloud
Иницијативниот Одбор за основање на Национален младински совет е тело составено од 16 невладини организации. Одборот беше формиран за време на деновите на младинско вмрежување минататa година во Дојран каде што учество земаа 36 младински организации и организации за млади коишто заедно ја поставија предлог структурата на Националниот Младински Совет кој допрва ќе се формира.
Ј.Ј.