Како жените би го прекроиле општинскиот буџет – кампања на Акција Здруженска

Жените од Карпош и Центар, денеска ќе добијат можност да бидат во улога на градоначалнички и да го прекројат општинскиот буџет за 2017-та година.

Ова е дел од четвртата мартовска кампања „Жените буџетираат!“ на Акција Здруженска, со која оваа организација алармира дека јавните финансии не смеат да бидат забранета зона за жените.

Кампањата ќе се одвива денеска, преку улична анкета, со главна цел да се поттикне интересот на жените за тоа како и во чија корист се управува со локалните јавни финансии.

Настанот во Карпош и Центар се организира во соработка со организацијата „Една може!“ Кампањата освен во овие две скопски општини се спроведува и во Кавадарци, Радовиш, и Струмица, во соработка со локалните женски организации кои се вклучени во менторската програма за следење и застапување на родовата еднаквост во буџетските процеси.

Кампањата е дел од активностите на проектот на Акција Здруженска „Застапување на родово инклузивни буџети“, поддржан од Цивикамобилитас, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска.