Како тргна приказната за изградба на станови за бегалци во Македонија

Се почна со Предлог нацрт на Стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017- 2027 година, документ кој го изготви Министерството за труд и социјална политика и беше претставен во јавноста минатата седмица. Прво на комисија во собранието, потоа и на сајтот на МТСП, каде беше оставен рок од една седмица за примање забелешки и реакции за документот.

Забелешки на документот, како што информираат од МТСП, пристигнале од неколку организации. Тие треба да се разгледуваат на јавна работилница која ќе се одржи во текот на идната недела. Децидни се, стратегијата е се уште во форма на предлог текст.

Партиски препукувања, лажни вести и интерпелација

За опозициската ВМРО ДПМНЕ носењето на стратегијата беше пречекано на нож. Од собраниската говорница, пратеникот Влатко Ѓорчев посочи дека стратегијата и акцискиот план ќе влијаат на буџетот, а Македонија наместо транзитна зона ќе стане земја домаќин на бегалци и странци од многу други земји. Тој реагираше дека се предвидува изградба на 100 згради за мигранти и бегалци и бараше одговор каде ќе се градат тие згради.

Дел од граданачалниците, од опозициските редови на ВМРО ДПМНЕ излегоа со негативен став за стратегијата, а градоначалникот на Неготино отиде и дотаму да бара референдум за неготинци да се изјаснат за ова прашање.

Од СДСМ пак реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ тенденциозно шири лажни вести за трајно населување на десетици илјади мигранти и нивно вработување. Порачаа граѓаните да бидат спокојни бидејќи Македонија е декларирана како држава за транзит на бегалци. Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027, велат, не е обврзувачка, и е само продолжение на истата стратегија за периодот 2009–2015 година, донесена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, поради Стратегијата, од ВМРО ДПМНЕ поднесоа интерпелација за работата на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Од Министерството за труд и социјална политика пак издвадија документ со кој тврдат дека владата на ВМРО ДПМНЕ и министерот Спиро Ристовски веќе барале локации за изградба на станови за бегалци, во Сарај, во 2012 година.

„Децидно изјавуваме дека од ниту една општина не е побарана предлог локација за изградба на станови“, велат од новиот кабинет на МТСП.

Целата стратегија може да се прочита на овој ЛИНК.