„Како снежна топка…“ – интерактивна изложба на МОМИ

„Како снежна топка надолу по планината“ е насловена изложбата на групата МОМИ чие отворање е најавено за утре (22 декември), во галеријата на Факултетот за ликовни уметвости во Скопје, во 19:30 часот.

Преку интерактивен перформанс, делото ќе биде надополнето и комплетирано со нови содржини. Сите посетители се добредојдени да учествуваат во овој процес.  За таа цел треба да понесат сопствено видео или фотографија (до 100МB) во својот мобилен телефон, или да го снимат на самиот настан.

Делото претставува инсталација составена од цртеж кој го опфаќа целиот простор и претставува подлога за надоградување со активатори на дигитални содржини, кои можат да се следат преку специфична апликација на таблет или мобилен телефон.

Групата МОМИ постои од мај 2012 година, а нејзини членови се Ана Ивановска, Зорица Зафировска, Кристина Хаџиева, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска, Христина Зафировска, кои на голем број заеднички проекти соработувале уште пред формирањето на МОМИ, во рамките на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. „Како снежна топка надолу по планината“ е дванаеста изложба на групата МОМИ. Нивните досегашни изложби се претставени во повеќе градови во Македонија и странство.

„Најновиот проект на Моми го третира дискурсот на новото доба, во кое компјутерското вмрежување и интернетот дозволуваат секундарен пристап до море од податоци и знаења во еден клик. Не постојат веќе просторни и временски бариери. Дали ќе се почне од посебното кон општото или од општото кон посебното е сеедно, бидејќи од една страна говориме за вмрежувањето и за придобивките на технологијата со кои сите информации, благодарение на интернетот се шират, надополнуваат и зголемуваат константно (како снежна топка надолу по планината), исто толку важна е и најмалата честичка на таа мрежа, посебната база на податоци, бидејќи секоја една е капка во океанот, информација која ги полни неисцрпните он-лајн фолдери.,вели кураторот Ана Фланговска.

„Како снежна топка надолу по планината“ е лавина на идеи кои тркалајќи се надолу зголемувајќи ја масата и замавот, прибира делови од приказните создавајќи цела вселена, додава Ана Ивановска од МОМИ.

„Технологијата напредува од момент во момент и секако ја користиме во зависност од своите потреби. И самат технологија ја креираме од тоа што ни е дадено веќе како такво т.е елементите односно она што посто и пред да постои технологијата-тоа е потенцијалната енергија со која сме поврзани во Едното/свесно или незнајно“ вели за изложбата Кристина Хаџиева од МОМИ.