„Како што е“: Аудио-визуелно патување на „Терапија“ на 15 јануари

„Културата не смее да стане жртва на кризата“, се вели во најавата на платформата „Терапија“, која на 15 јануари од 20 часот организира онлајн настан „Како што е“, кој ќе се пренесува од Чифте Амам.

„Во атмосфера на песимизам, огорченост и теории на заговор, ‘Tерапија’ испраќа сигнали на надеж. Придружете нѝ се на ова аудио-визуелно патување, каде што музичката селекција на Илина Ангеловска комуницира со уметничките дела на Антони Мазневски изложени во Чифте Амам“, велат од „Терапија“.

Од таму посочуваат дека Чифте Амам е културно историски споменик во самото јадро на Старата скопска чаршија кој датира од 15 век, а денес претставува уметничка галерија.

Настапот, изборот на музика, светло и атмосфера, велат од „Терапија“, ја почитува автентичноста на просторот и претставува суптилен спој на визуелната и клупската култура.

„Илина Ангеловска е присутна на музичката сцена како диџеј, прoмотер и радио водител уште од почетокот на 2000-та декада. Нејзиниот музички бекраунд во електронската музика доаѓа од многуте ноќи поминати на скопските подиуми, пред сè како интегрален дел од промотивните забави и мултимедијални настани на ПМГ колективот, уште од средината на 90-те. Нејзиниот музички стил опфаќа широк спектар на повеќе стилови како електро-диско, модерен есид хаус, тек-хаус и мелодично техно, а со својот неуморен карактер, постојано е во потрага по свежи и возбудливи нешта“, стои во најавата за настанот.

„Како шо е“ е најновиот ликовен проект на уметникот Антони Мазневск, скопјанец дипломиран на Факултетот за ликовна уметност. Во 1995 година има студиски престој на Меѓународната летна Академија во Салцбург, Австрија, додека во 1997 година е учесник во програмата ArtsLink во Њујорк, САД.

Од 2003 година предава сликарство и цртеж на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Живее и работи во Скопје.

Проектот, велат од „Терапија“, го афирмира интересот за космичката интеракција и можноста за нејзина реинтерпретација. Морфолошката слика илустрира геометриски ликовен ракопис, индивидуален метод, животен пулс.

„Целта на изложбата е да се презентира неговата понова, седумгодишна продукција пред јавноста. Да се предочат неговите истражувања и усовршувања во полето на ликовната естетика, филозофската мисла, занаетските квалификации. Да се упати или повика ДРУГИОТ на разговор“, се вели во најавата за настанот.