Како на Фејсбук би пишувале Ленин и Распутин – модерна реконструкција на Руската револуција

Нов руски интернет проект прави реконструкција на настаните кои воделе до Октомвриската револуција од 1917 година. Необичен е начинот на кој тоа е изведено -преку статуси на социјалните мрежи кои во тоа време би ги поставувале историските фигури.

Проектот наречен „1917: Слободна историја“, е замислен како мешавина на постови на Фејсбук, историски страници кои се ажурираат во живо и интерактивни додатоци.

Корисниците кои ќе ги следат постовите на царот Николај Втори од династијата Романови, ќе можат да видат како тој ја одбележува 22-годишнината од бракот со сопругата и нивните деца, за неколку дена подоцна да отпатува до армискиот централен штаб додека кризата се шири низ руската војска.

Други постови прикажуваат како човекот од доверба на царицата, Распутин и кажува дека „Бог не ја заборавил Русија“, додека лидерот на Болшевиците во егзил, Владимир Ленин во Цирих го проучува Комунистичкиот Манифест и улогата на пролетеријатот во Русија.

„Замисливме како работите би се одвивале тоа време доколку постоел интернетот и луѓето ги употребувале социјалните мрежи“, изјавил Михаил Зигар, пренесува ББЦ.

Зигар, кој претходно беше главен уредник на либералната телевизија Дожд, потенцирал дека тим од повеќе од 100 историчари, новинари и веб-експерти работеле повеќе од една година на наоѓање фактографски извори во писма, дневници и други материјали од историските архиви. Вебсајтот истакнува дека содржината е автентична, иако во одредени случаи, е прилагодена да одговара на форматот.

Секоја историска фигура има листа на „пријатели“, слично на социјалните мрежи во денешно време. Покрај главните политички фигури и нивните семејства, проектот прикажува и многу други личности од тој историски период – актери, писатели, сликари. Па можете да ги погледнете профилите на Сергеј Есенин и Василиј Кандински, но и на Чарли Чаплин, Ерих Марија Ремарк, Ернест Хемингвеј или Коко Шанел.

Проектот е предвидено да трае до јануари 2018 година.

Во Советскиот Сојуз, револуцијата од 1917 година е славена како клучен настан во историјата на земјата. Денеска повеќе не се одбележува официјално, но малкумина се сомневаат во историската важност на настанот.

„Изгледа дека се што ни се случуваше во 20-тиот век и што ни се случува сега е последица од настаните во 1917 година“, објаснува Зигар.