Како коронавирусот го промени движењето во С. Македонија? Гугл податоци за трендовите на мобилност

Технолошкиот гигант Гугл објави податоци за трендовите на мобилност пред и по рестриктивните мерки поради новиот коронавирус за 131 светски држави и региони, со цел да се прикаже како различните мерки на во различни држави влијаат на тоа како луѓето се движат во периодот на пандемијата.

Од компанијата посочуваат дека овие податоци покажуваат разлики во локациите кои луѓето ги посетувале и времето кое го поминувале на тие места последниве 40-тина дена, односно пред и по прогласувањето на пандемија со Ковид-19 заразната болест.

Во податоците за Северна Македонија, од шестте различни локациски категории, може да се забележи дека најголем пад има во категоријата „Продавници и рекреација“, каде по здравствената криза се забележува пад од 74% во движењето на луѓето. Оваа категорија опфаќа ресторани, кафе-барови, трговски центри, музеи, библиотеки или кино сали.

Трендови за мобилност за Северна Македонија

На второ место по падот се „Транзитните станици“ со 69% намалување во движењето на граѓаните на овие места. Во оваа категорија спаѓа јавниот превоз, автобуските или железничките станици.

Очекувано, поради различните владини мерки и препораки, големо намалување има и во податоците за одење на работните места. Таму Гугл забележал 51% намалување на движење на македонските граѓани околу нивните работни места. 44% пад има во посета на паркови, а најмал пад од 41% има во категоријата која лоцира продавници за храна и аптеки.

Логично, единствената категорија која има раст по здравствената криза со коронавирусот е категоријата „станбени објекти“, каде се забележува пораст од 18% во споредба со ситуацијата пред рестриктивните мерки.

Податоците за земјава се заклучно со 29 март, а се пресметани од сите корисници кои прифатиле да испраќаат анонимни податоци за нивната историја на локации.

Од Гугл посочуваат дека податоците не треба да се користат за медицинска дијагностика, или пак за прогнозирање и третирање на пациентите, а не препорачуваат ниту споредба на податоците помеѓу различни држави поради различното дефинирање на локациите од регион во регион.