Како до бесплатен билет за воз за млади и студенти?

Од први јули оваа година се воведоа бесплатни билети за воз за студентите и младите до 27 години, секој трет викенд во месецот. Студентите дополнително добиваат и бесплатно возење секој четврток, како и 50% попуст на билетите во текот на целата година. Но што навистина им е потребно на младите за да можат да ја остварат оваа бенефиција?

Како до бесплатен билет за воз за млади и студенти

Од патничката благајна на скопската железничка станица за Радио МОФ, велат дека посебните бесплатни билети треба да се подигнат кај нив, со одреден документ за легитимација, зависно од тоа дали станува збор за млади лица, или пак за студенти.

Правото на бесплатно патување еден викенд во месецот, во една насока или за повратни патувања на пругите во земјава , младите до 27 години можат да го остварат со приложување на документ за идентификација (лична карта, пасош, или друг документ на кој има дата на раѓање) кај извршниот персонал на благајните, и во возот.

Од друга страна пак, за да го остварат правото на бесплатно возење секој четврток, студентите треба да ја приложат на билетарницата заверената студентска легитимација со фотографија, со што веднаш ќе им биде издаден билет во една или за повратна насока што важи еден ден.

Студентите и младите до 27 години за да го добијат попустот од 50% на купен билет во било кој период од годината, треба да приложат легитимација за млади К-13б, меѓународна студентска легитимација ISIC или европска младинска картичка.

Освен за млади и студенти, од овој месец во воз бесплатно почнаа да се возат и пензионерите. За нив е резервиран секој втор викенд во месецот.  За месец јули тие веќе го искористија ова право минатиот викенд, а следниот викенд е резервиран за студентите и младите.

За разлика од возењето со возовите, за бесплатното возење во четврток во автобусите на ЈСП, на студентите ќе им бидат потребни годишни  легитимации кои се подигнуваат од билетарниците на ЈСП, но мора да бидат заверени на соодветниот факултет. Постапката е посложена кога станува збор за вонредните студенти кои покрај заверка од факултет, ќе треба да приложат и здравствена картичка, како и потврда од Агенцијата за вработување, дека се невработени.

Моника Кочовска