Како да го „преживеете” високото образование? – студентите на Правен добија одговори

Што е тоа семестар, а што испитна сесија? Што е Е2, a кога се уписите? Каде да се обратам доколку имам проблем? На сите овие прашања студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ добија одговори и имаа можност да слушнат важни информации поврзани со студиите, Еразмус програмите, правата и обврските на факултет.

Продеканката за настава Александра Груевска – Дракулевски говореше за можностите кои ги имаат студентите на Правен, за квалитетот на студиите, правата на студентите, испитните и дополнителните испитни сесиии, како и за правилата на овој факултет. Накратко објасни како функционира факултетот и соопшти дека според новите правила студентот мора да посетува 51 отсто од наставата, за да може да запише предмет.

„Почитувајте ги правилата на студирање, бидете редовни на настава, бидејќи ако не сте редовни може да се соочите со проблемот да треба да го презапишете предметот”, ги посоветува продеканката.

Покрај тоа, таа им препорача да се вклучат во студентските организации и клубови и макимално да го искористат знаењето на професорите бидејќи сите од нив се врвни професори.

Александар Јордев, раководител на одделението за студентски прашања ги информираше студентите  дека службата за студентски прашања е секогаш достапна за нив и надвор од приемното време. Дискутирајќи за Еразмус програмите коишто ги нуди УКИМ, за начинот на аплицирање и целиот тој процес, продеканката Ирена Рајчиновска-Пандева, која е и координатор за Еразмус програмата, информираше дека конкурсот се објавува во втората половина на Јуни и вообичаено трае до први октомври, а студентите ги предупреди и за постоечките ризици на размената.

„Единствен проблемот со Еразмус+ програмата е во последниот семестар од мастерот. Кога ќе запишете мастер студии можете да аплицирате за Еразмус, со исклучок на семестарот во кој ја пишувате магистерска теза”, вели професорката Рајчиновска-Пандева.

Зборувајќи за факултетот, студентските права, но и обврски, Теодора Столевска и Борјан Ефтимов, членови на МОФ дискутираа со студентите на многу теми, со цел студентите да се информираат и полесно да се ориентираат.

„Новина за сите студенти ќе бидат и студентските избори кои ќе се одржат следните две недели. Студентите за прв пат ќе имаат млжност да избираат и да бидат избрани во Студентските собранија”, истакна Ефтимов.

Според него студентската ориентација е важна како би се олесниле почетничките проблеми со кои се соочуваат студентите при преминот од средно во високо образование, и е полесно кога постарите колеги на новите студенти на неформален начин ќе им дадат инфорнации и совети за студирањето и студентскиот живот.

 Столевска пак, се осврна на правата на студентите, академската слобода  и автономноста на факултетот.

Доколку ја анализираме дефиницијата за тоа што е високо образование, како еден од клучните термини може да ја издвоиме самостојноста. Додека средните училишта се зависни и под контрола на локалната самоуправа и Министерството за образование, високото образование е целосно независно и ослободено од било какви обврски да се потчинува на волјата на било која власт, се разбира, се додека неговото функционирање е во рамки на законите кои важат за сите. Стручниот термин за оваа слобода и независност е автономијата” , објасни Столевска.

Студентските ориентации се пракса на многу светски универзитети, а Младинскиот образовен форум (МОФ) со вчерашниот настан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, имаше намера таа пракса да ја воспостави и на македонските факултети.

Александра Субашиќ