Како да го избришете вашиот профил на „Зум“

Од почетокот на пандемијата, апликацијата за видео конференции „Зум“ е корисен начин граѓаните да останат поврзани со пријателите, да одржуваат состаноци или настани, држејќи безбедно растојание.

Но, поради загриженоста за приватноста, корисници се прашуваат дали воопшто треба да ја користат. Дел се префрлуваат на алтернативи кои нудат подобра безбедност и ги избришаа своите профили, пишува Mashable.

Процесот на бришење профил е прилично едноставен, без разлика дали користите бесплатна или платена верзија. Од „Зум“ сепак посочуваат дека претплатените корисници ќе треба да ги откажат своите претплати пред да ги избришат своите сметки. Во продолжение, неколку чекори како може да го избришете вашиот профил.

1. Влезете во вашиот профил преку веб-страницата на „Зум“ користејќи кој било веб прелистувач. Нема да можете да го избришете вашиот профил преку апликацијата, туку веб-порталот на „Зум“ е единствениот начин за да го направите тоа.

2. Откако ќе се најавите, кликнете на „Мој профил“ во горниот десен агол на екранот.

3. Ќе видите страничен прозорец со опции како „Личен“ и „Администратор“. Кликнете на „Управување со сметка” под делот „Администратор“.

4. Ова ќе отвори ново мени. Кликнете на „Профил на сметка“ во тоа мени, а потоа кликнете на линкот што вели „Затвори ја мојата сметка“.

5. На екранот ќе се појави pop-up прозорец со барање да испратите код за потврда на е-мејл. Кликнете на „Испрати“ и тој ќе го испрати кодот. Ќе имате една минута да го внесете и да преминете на следниот екран.

6. Откако ќе го внесете кодот, ќе добиете прозорец со барање да го потврдите откажувањето на сметката.

Откако ќе потврдите, ќе бидете пренасочени назад кон почетната страница на „Зум“ и ќе видите порака што вели дека затворањето на вашиот профил било успешно.

Откако ќе го направите ова, трајно ќе го затворите вашиот профил – ако некогаш сакате да користите повторно „Зум“, ќе треба да креирате нов. Нема да можете да вратите која било од старите информации на вашиот профил, затоа пробајте да зачувате што ви треба пред да ги избришете.