Кајакари од Европа ќе веслаат низ најубавите и најзагрозени балкански реки

Маврово ќе биде дел од кајакарската тура на словенечкиот олимписки спортист Рок Розман кога кајакари од Европа ќе пловат низ 16 од најубавите и најзагрозени балкански реки. Од Сава до Вјоса: 35 дена кајакарење за заштита на дивите реки на Балканот е насловена турата која ќе трае од 16 април до 20 мај, 2016 година, а во рамки на кампањата „Да го зачуваме Синото срце на Европа“.

Турата ќе започне од реката Сава во Словенија на 16 април, а ќе заврши на Вјоса во Албанија на 20 мај под слоганот „Да ги зачуваме балканските реки!”. На овој начин, кајакарите сакаат да се подигне свеста за убавината на реките и заканите со кои тие се соочуваат.

На 4 и 5 мај дел од кајакарската тура ќе биде и Националниот парк „Маврово“ во Македонија кој е еден од најстарите паркови во Европа. Тој е познат по неговите брзи, недопрени реки и потоци кои ги снабдуваат со вода пространите букови шуми, а извираат високо во планините каде формираат преубави и значајни високопланински влажни станишта. Овие реки се соединуваат за да ги формираат небесно сините води на реката Радика. Долината на Радика е една од најатрактивните и најживописните кањонски долини во Македонија.

„Постојат многу приказни за Балканот, но има една која навистина вреди да се раскажува. Приказната за реките на Балканот. Најскапоцените реки во Европа може да се пронајдат помеѓу Словенија и Албанија. Кристално јасни потоци, диви реки со пространи речни брегови со чакал, спектакуларни водопади и недопрени шуми – реки полни со див живот. Синото срце на Европа чука на Балканскиот Полуостров!“, се вели во најавата за овој настан.

Турнејата по балканските реки во рамки на кампањата „Да го зачуваме Синото срце на Европа“ е координирана од страна на меѓународните невладини организации EuroNatur и Riverwatch. Турнејата е организирана во соработка со EuroNatur, Riverwatch, Leeway Collective и WWF Adria, а поддржана е од Patagonia, Manfred-Hermsen-Stiftung и фондацијата MAVA.