Мнозинството на Комисијата за заштита од дискриминација одлучи дека нема да се поведе постапка за дискриминација против Алфа ТВ, за емисијата на Миленко Неделковски, во која, според подносителот на преставката, постоела дискриминација по основ на етничка припадност.
„Со мислењето, мнозинството од Комисијата не поведува постапка за дискриминација против Алфа ТВ, заради тоа што наводно истата претставка се однесува “на погрешно лице”. Имено, мнозинството од Комисијата смета дека претставката не може да се однесува ма Алфа ТВ затоа што емисијата на Миленко Неделковски бил надворешен проект, па Телевизијата Алфа не може да сноси одговорност за тоа што се емитува како надворешен проект. Исто така, мнозинството од Комисијата за заштита од дискриминација смета дека треба да се даде важност на слободата на изразување како вредност на секое демократско општество“, се наведува во одлуката на Комисијата.
Со ваквото мислење не се согласиле членовите на Комисијата Беким Кадриу и Ирфан Дехари, кои во согласност со Деловникот на Комисијата поднеле издвоено мислење. Во продолжение, издвоеното мислење ви го пренесуваме пренесуваме во целост:
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ:
1.Mнозинството од Комисијата за заштита од дискриминација греши кога не поведува постапка заради тоа што претставката се однесува на “погрешно лице” односно на Алфа Телевизија.
Прво, Комисијата мора да постапува по претставката и по допрен глас, без разлика на кого се однесува претставката. Не може Комисијата да се скрие и да не поведе постапка поради наводни процедурални пречки само за да штити определено лице кое прави дискриминација. Спротивно, Комисијата треба да реагира секогаш кога според содржината препознава дискриминација.
Второ, токму Алфа Телевизија е должна да внимава на емисиите кои ги објавува. Алфа телевизија и секоја друга телевизија и медиум е одговорна за секоја емисија која се емитува на етер. Ако некој купил одреден простор во медиум или некоја емисија е надворешен проект, тоа не ја амнестира Телевизијата од содржината која одлучила да ја емитува. Особено кога емисијата е претходно снимена. Не може некој да шири говор на омраза, да поттикнува дискриминација, да прави вознемирување преку телевизија, а Телевизијата да не сноси одговорност со аргументот дека “емисијата е надворешен проект”. Медиумите се должни да го почитуваат Законот за аудио и аудиовизулени и медиумски услуги (член 48), како и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Двата Закони ги обврзуваат медиумите да внимаваат на содржината која ја емитуваат да не дискриминира, да не поттикнува дискриминација или вознемирува.
Трето, Комисијата за заштита од дискриминација веќе има одлучено за постоење на дискриминација во случај на емисија на Миленко Неделковски, и тоа против Канал 5 Телевизија (Мислење по претставка бр. 19-01 од седница од ден 31.05 2018 година). Значи Комисијата има заземено став дека телевизиите мора да сносат одговорност за тоа што го емитуваат. Поради тоа, не е јасно зошто во конкретниот случај мнозинството од Комисијата не поведува постапка и доаѓа во конфликт со сопствената воспоставена пракса.
2. Од мислењето на мнозинството од Комисијата се гледа дека се става тежина на слободата на изразување. И овој аргумент на мнозинството не држи. Не треба да се биде научник да се знае дека слободата на изразување е ограничена слобода. Тоа го бара и Европската Конвенција за Човекови Права и праксата на Европскиот Суд. Не смее слободата на изразување да се злоупотребува и да се користи за говор на омраза, дискриминација и вознемирување. Во конкретниот случај јасно се гледа дека постои поттикнување на дискриминација и вознемирување по етничка основа. Комисијата за заштита од дискриминација треба да биде токму тоа тело кое ќе ги препознае формите на изразување кои претставуваат дискриминација. За жал мнозинството од Комисијата не го прави тоа. Спротивно, мнозинството од Комисијата наместо да штитат од дискриминација, го штитат тој што дискриминира.
3. Ако мериторно се навлезе во содржината на емисијата, јасно се гледа поттикниувањето на дискриминацијата и вознемирувањето кое се права од страна на авторот и соговорникот во емисијата. Именувањето на припадниците на определена заедница со погрдни зборови како “скитач, чергар, бездомник”, тезите дека истите “не можат да се спитомат”, дека се “племе кое не може да изгради ни соработка ни соживот”, најмалку предизвикуваат вознемирување (член 7 од Законот за спречување и заштита од дискриминација), преку повреда на достоинството и создавање навредлива, непријателска и понижувачка средина кон припадниците на таа заедница. Ваквата содржина и потикнува дискриминација, забранета со член 9 од Законот за спречување и заштита од дискриминација).
Поради горенаведеното, членовите на Комисијата Др. Ирфан Дехари и Др. Беким Кадриу, сметаат дека:
1. Комисијата треба да поведе постапка за овој случај, поради дискриминаторската содржина на емисијата, а не да се скрива зад тоа против кого е поднесена претставата.
2. После поведување на постапката, Комисијата треба да одлучи дека постои (а) вознемирување и (б) поттикнување на дискриминацијата сторена од Алфа телевизија, врз основа на етничка припадност.
3. Комисијата треба да препорача да се отстрани повредата, како и да не се повтори во иднина, на начин што медиумот мора да ги почитува законските одредби за забрана на дискриминација и да сноси одговорност за тоа што го емитува.