Каде е клучот од диското и што се случува со Советите на станари во студентските домови

Веќе две години во трите студентски домови кои работат во склоп на „Државниот студентски дом“ Скопје (ДСД Скопје), не функционираат Советите на станари што треба да се линк меѓу студентите и управата на домот. Изборот на членовите во овие совети е заглавен поради лошото фунционирање на Студентскиот парламент на УКИМ (СПУКМ), на кој со новиот Закон за високо образование донесен во мај, 2018, му се одземаат големите ингеренции кои ги имаше во делот на студентското организирање. Но, според важечкиот статут на ДСД Скопје, СПУКМ останува одговорен за формирањето на Советот на станари во студентските домови.

Студентот Климент Илиев, кој беше член на последниот Совет на станари во домот „Гоце Делчев“, смета дека на студентите им е потребно едно вакво тело.

„ Постоењето беше оправдано, бидејќи наместо секој студент поединечно да се жали кај управниците за проблемите во домот, тоа го правеше Советот на станари“, вели Илиев.

Сепак, забележува тој, нивните обврски не биле големи, а според него, надлежните реагирале на забелешките на студентите.

„Немавме којзнае какви обврски. Ако имаше некакви проблеми, во дел на храна, немање лифтови, топла вода, ние бевме тие што регираа, до управници, до директори. Убаво е е да има некој од студентите кој ќе биде во контакт со директори, управници. Сега секој поединечно оди и се жали, ама нема некој ефект“, раскажува Илиев.

Кој го има клучот од диското?

Сепак, повеќе  од студентите со кои контактираше Радио МОФ, не се големи ентузијасти околу начинот на кој функционираа студентските совети. Коментираат дека членовите се бирале партиски, а најголема задача на претседателите, било да го имаат клучот од диското.

Од пред скоро две години, не се прават студентски забави во просторијата која служеше како диско во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Забави се организираат во кафултето-читална кое работи во просториите на „Гоце“. Но, затоа во „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, студентите еднаш неделно прават студентски журки. Во „Стив“ забавите се во четврток, во „Кузман“ во среда.

Бојан Михајловски, кој во 2014 година доаѓа на студии во Скопје, сега е студентот што се грижи за забавите во „Кузман Јосифовски Питу“. Објаснува како го добил клучот од диското, откако престанаа да функционираат Советот на станари:

Студентска забава во „Стив Наумов“

„Порано се беше преку СПУКМ , а сега, нема некоја посебна селекција. Јас конкретно, годинава го имав клубот за забавите, за тоа годинава одлучуваше управата, бидејќи немаше некој друг фактор кој одлучува. Влеговме кај директорот со прашање – ‘бидејќи нема Студентски парламент, дали би ни дозволиле во среда да правиме забави?’ Прво, тој ни рече дека ќе размисли и ќе се распраша, а потоа ни дозволи“, објаснува Михајловски.

Прашан дали е потребно да се врати Советот на станари како студентско претставничко тело во домовите, Михајловски вели дека не е неопходно, бидејќи и претходно не функционирал како што треба.

„Сега нема официјален студентски парламент, ама има студенти кои се ентузијасти, па организираат студентски забави, некои акции се спроведуваат. Неколкумина сме такви, ентузијасти“, вели студентот.

Формирањето Совет на станари е заглавено во стариот статут на ДСД Скопје

Во Статутот на ДСД Скопје, со член 63, 64 и 65 се уредува формирањето на Совет на станари. Според Статутот, секој од студентски домови има свој Совет на станари, од кои се формира Советот на станари на домот (ДСД СКопје).  Во Статутот стои и дека во Советот на станари учествува и претставник на домот „Невена Георгиева Дуња“ (Медицинар), кој е затворен неколку години. Изборот на членови на Советот, се прави со конкурс распишан од Студентскиот парламент при УКИМ.

Иако во централниот регистар Студентскиот парламент при УКИМ има статус „активен“, телефонскиот број на нивната официјална ФБ страница е исклучен, а постови ретко се објавуваат. Последниот претседател на СПУКМ, Давор Поповски, одби да даде одговор на телефон, но најави дека по мејл ќе одговори што се случува во моментов со оваа студентска организација.

Мартина Илевска, од Младинскиот образовен форум укажува дека студентите немаат речиси никакви активности во рамките на студентските домови.

„Една од поважните функции која е наведена во Законот за студентски стандард и во Статутот на ДСД а тоа е „Разгледува прашања  и дава мислење за подобрување на животот и работата на студентите во студентскиот дом“, што е директно поврзано со подобрување на студентскиот стандард на станарите. Стандардот опфаќа повеќе сегменти од студентскиот живот – обезбедување на сместување, исхрана, школарина, стипендии, како и задоволување на работните, културните, информативните, спортско-рекреативните и други заеднички потреби на студентите“, објаснува Илиевска.

Свесна дека подолго време овие Совети не функционираат, Илиевска решението го гледа во промена на Статутот на ДСД Скопје. Во него вели, Советот на станари го бира СПУКМ, а со промената на Законот за високо образование досегашните студентски парламенти престануваат да постојат. Место нив, треба да се оформат факултетски студентски собранија и универзитетско студентско собрание.

„Земајќи ги во предвид измените во законот, Управниот одбор на ДСД мора да направи измена во статутот со што изборот на совет на станари нема да го  спроведува Студентскиот парламент на УКИМ, дополнително да најде модел кој е соодветен за избор на совет на станари и нема да зависи од Студентското собрание на еден универзитет (земајќи во предвид дека станари можат да бидат сите студенти запишани на јавните и приватните високо образовни установи во Македонија)“, смета Илиева.

Затекнат од оваа состојба, директорот на ДСД Скопје, Дарио Николовски, нема конкретен одговор кога може да се очекува формирање нов Совет на станари.

Заради тоа што ние не ги избираме и не можеме да ги избереме членовите на Советот на станари, го немаме одговорот на ова прашање“, вели Николовски. Тој потврдува дека во моментов нема Совет на станари, а согласно Статутот, ДСД Скопје нема ингеренции врз изборот на Советот на станари.

Нема ентузијазам за студентски акции во домовите

Немањето топла вода, слабото парно, храната, но и хигиената, се меѓу најголемите проблеми во студентските домови. Откако во јавноста излегоа фотографии за тоа како изгледа дворот на студентскиот дом „Пелафонија“, а потоа и на „Кузман“, надлежните побрзаа да спороведат акции за чистење. Дворот на „Гоце“ пак, го чистеше Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, а неколку месеци претходно, чистеше и иницијативата составена од активисти „Не биди ѓубре“.

Директорот Николовски, не се сеќава дека студентите сами организирале акции за разубавување на домот или дворот.

„Досега од страна на студентите официјално не е иницирана ниедна заедничка акција за чистење, за разубавување на домот или за средување на заедничките простории“, вели Николовски.

Кога имаат проблеми пак, додава, се пријавува портирница, каде што портирите водат писмена евиденција и пренесуваат до управникот на студентскиот дом, кој потоа пријавува кај одговорните органи на Домот.

И студентот Михајловски забележува дека нема голем интерес за преземање акции од самите студенти. Вели, единствено, барања имало околу промена на менито за исхрана.

„Поттикнато од самите студенти, имаше за измени во исхраната, во менито, а околу чистење и слични работи, сите знаеме дека ако покренеме иницијатива одговорот ќе биде многу мал. Се трудевме во еден момент, дадовме идеја по студентските домови, ама не наидовме на голема желба за нејзина реализација. Така што, се повлековме“, вели Михајловски.

За Илиевска од МОФ, токму Советите на станари, треба да бидат клучни во ваквите моменти, за да ги мотивираат и организираат студентите за подобрување на животот во домовите.

Ј.Ј.