„Каде да (не) се оди“ – изложба на македонски уметници во Њујорк

Каде да (не) се оди?“ е насловена изложбата на 11 македонски уметници, која вчера беше поставена во Галеријата МЦ во Њјуорк. Официјалното отворање на изложбата е најавено за 23 февруари , кога ќе има и разговор со кураторот Јованка Попова и уметниците Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски.

Темите на делата се однесуваат на теми како што се историскиот и урбан развој на Скопје, социјалната нееднаквост, политичката, културна и економска репресија врз маргинализираните, скорешните несоодветни образовни реформи и редизајнирање на традиционалните вредности.

„Оттука, каде да (не) одиме? всушност се однесува на она – зошто да чекаме повеќе? Вниманието е свртено кон она што е лево ориентирано и неискажано, она што се огласува зад тишината на сивата документација, граничните точки во кои дискурсите се оспорени или пак генерираат контра-дискурси. Изложбата е конципирана во четири целини во кои се групирани по три дела од поновата продукција на дванаесет современи македонски автори“, велат организаторите од „Прес ту егзит“.

На изложбата се презентирани делата на Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Александар Ковачевски, Владимир Лукаш, Нада Прља, Даниел Серафимовски, Тихомир Топузовски, Никола Узуновски, Неда Фирфова, и Јане Чаловски.

Изложбата која ќе биде претставена во Галерија МЦ во Њујорк, е дел од поширокиот проект „Каде да (не одиме)?“ кој свое прво претставување имаше во рамки на Istanbul Contemporary во 2012, а ќе продолжи да се развива и во текот на 2015 година.