„Каде бајките оживуваат“ – денес и утре се одржува „Анимакс Скопје фест“

Под мотото „Каде бајките оживуваат“ денес и утре ќе се одржува 12. издание на Меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови „Анимакс Скопје фест“. Проекциите ќе се прикажуваат во Кинотеката, бесплатно.

Програмата вклучува 25 анимирани филмови во официјалната програма и девет анимирани филмови наменети за детската публика.

Голем дел од филмовите кои се борат за „Златната тула“ се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија. Па така, публиката ќе може да погледнете филмови од Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија, Русија и Бразил.

Годинашната жири комисија ја сочинуваат Мими Ѓорѓовска Илиевска, Лазе Трипков и Илчо Симовски.

Официјалната програма почнува во 20 часот, а проекцијата на филмови за деца ќе се одржи утре со почеток од 17 часот кога публиката ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца.

„Анимакс Скопје фест“ е прв фестивал на анимиран филм во земјава. Целта е да се подигне свеста и културата за анимираните филмови за возрасни и деца. Фестивалот го организира продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје и Кинотека на Македонија и со поддршка од Град Скопје.