Кабаст отпад бесплатно може да се одложува во центрите во Карпош, Вардариште и Шуто Оризари

Граѓаните својот кабаст отпад со сопствен превоз можат бесплатно да го одложат во центрите за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште, како и во претоварната станица во Шуто Оризари.

За оваа услуга и за активностите за подобрување на јавната хигиена на денешната прес-конференција зборуваа директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани и раководителот на Секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски.

„Сакаме да ги потсетите граѓаните и правните субјекти дека Законот за јавна чистота на Република Македонија забранува кабастиот отпад и градежниот шут да се одлагаат во садовите за отпад, како и на јавните површини. За секое прекршување на овој закон се предвидени санкции што ги спроведуваат  инспекциските служби на Градот Скопје и на општините. Затоа, апелираме граѓаните да ги почитуваат термините за одлагање на отпадот и комуналниот отпад да го фрлаат само во садовите за таа намена. Својот кабаст отпад – застарен мебел, електронски и електричен отпад, со сопствен превоз можат да го одложат во центрите за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште, или во претоварната станица што се наоѓа во Шуто Оризари, каде што ЈП ‘Комунална хигиена’ им нуди можност да го одложат без никаков паричен надомест. Центрите за селекција работат од 7 до 19 часот“, рече Шабани

Доколку граѓаните имаат потреба одлагањето да се изврши со специјалните возила на претпријатието, услугата може да ја побараат на бесплатната телефонска линија 080022233 во ЈП „Комунална хигиена“.

Раководителот на секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски изјави дека градскиот инспекторат ја почна реорганизацијата на својата работа. Исто така, нагласи дека ќе настапува здружено со капацитетите на скопските општини, за во иднина да се засилат контролите на терен во однос на одлагањето на отпадот.

„Активно соработуваме со еко-патролата на ЈП ‘Комунална хигиена’ и веќе ги воочивме црните точки и дивите депонии во градот. На нашите инспектори и на комуналните редари од голема помош ќе им бидат и два дрона што ќе им овозможат подобар увид на теренот. На граѓаните им овозможуваме места за одлагање на својот отпад и апелираме сите воочени нерегуларности да ги пријават во Инспекторатот“, рече Богдановски.

Абдусамед Шабани  и Мирослав Богдановски (десно)

Тој дополни дека Инспекторатот на Град Скопје е алатка на граѓаните преку која можат да си ги остварат своите права.

„Покрај нашето дејствување во областа на комуналната хигиена, веќе спроведуваме активности и за ослободување на јавните површини од препреките што го оневозможуваат движењето на пешаците и на велосипедистите. Ќе ги преземеме сите мерки Скопје да заличи на вистинска метропола и да се воведе ред“, нагласи Богдановски.