Кабаре перформанс „Гледај радио“ вечер во Дом на млади Штип

Овогодинешното Штипско културно лето, 35-то по ред, продолжува вечер (петок, 10 јули) во 21 часот со кабаре перформансот „Гледај радио“ во изведба на Трајче Јованов.

Од Дом на млади Штип информираат дека влезот е слободен, но со претходна резервација на овој евент или на нивната Фејсбук страна.

„Радиото е живо, да живее радиото. Велеа видеото ќe го убие радиото, телевизијата ќе го дотолчи, социјалните мрежи го расплачуваат. Сето тоа е е маркетинг, малку или повеќе лага. Орсон Велс, сo неговата радио драма, за нападот на вонземјаните, го потресе светот. Како тоа милиони луѓе ги зафати паника, од радио драма. Одговорот е едноставен. Радиото создава слика, претстава што само вие ја гледате, ја доживувате така, и ниту еден друг како вас, и обратно. Тоа е најсилната карта на радиото. Затоа велиме радиотo се гледа, а телевизијата слуша“, стои во најавата за настанот.

Инаку, Трајче Јованов е по професина новинар. Театарот е неговата љубов. Од 1980 година е член на Драмското студио при Домот на културата „Ацо Шопов“.

„Својот највисок актерски дострел го имаше со монодрамата ‘Чекачот’ од Трајче Кацаров во продукција на Дом на млади Штип. Настапи на меѓународниот фестивал на монодрамата во Битола, со монодрамата настапи на Фестивали во Бања Лука и Тузла. 1986 година учеше театарска естетика од Јован Ќирилов и Мира Траиловиќ. Таа година беше во ПР службата на БИТЕФ“, се вели во најавата за кабаре перформансот.

Вкупен број на слободни места за настанот се 50 посетители.

„За сите што нема да успеете да го проследите овој настан Дом на млади ќе има и видео запис од самата промоција кој ќе биде објавен“, велат од Домот.