Јутјуб воведува видео и аудио пренос во 360 степени

Видео платформата Јутјуб воведе пренос на видео и аудио во живо, во 360 степени. Со просторното аудио, гледачите имаат чувство дека се присутни на самото место каде се одвива настанот.

Едно од првите видеа достапни во новиот формат на Јутјуб е пренос од фестивалот Коачела, кој моментално се одвива во Калифорнија, пренесува Mashable.

„Тоа што ме возбудува најмногу за раскажувањето во 360 степени, е што ни овозможува да ги отвориме искуствата на светот за секого“, вели Нил Мохан, еден од директорите на Јутјуб.

За софтверот да биде компатибилен со стримингот, Јутјуб соработувал со VideoStitch и Two Big Ears.

„Студентите сега можат да ги доживуваат вестите додека се случуваат, во училниците. Патниците можат да ги доживеат далечните пејзажи, а истражувачите да нуркаат во морските длабочини, сето тоа без физичките пречки на реалниот свет“, додава Мохан.

„А, денешните деца кои сонуваат да одат на кошаркарски натпревар или концерт, можат да ги имаат тие доживувања од прва рака, дури и ако се далеку од теренот. Она што некогаш беше ограничено доживување, сега е достапно за секој, секаде, во било кое време“.