Јутјуб привремено го блокираше каналот на Трамп

Јутјуб е последна во низата социјални мрежи кои го суспендираа профилот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Услугата во сопственост на Гугл спречи неговиот канал да поставува нови видеа или материјал за пренос во живо минимум седум дена и рече дека може да го продолжи периодот. Од компанијата велат дека неговиот канал ги прекршил политиките за поттикнување на насилство.

Претседателот Трамп синоќа објави неколку видеа, од кои некои се уште се достапни. Гугл не даде детали за темата на видеото што го забрани иако Би-Би-Си откри дека станува збор за клип од вчерашната прес-конференција.

Овој потег се случи неколку часа откако групи за граѓански права се заканија дека ќе организираат бојкот на рекламите против Јутјуб.

„По внимателно разгледување и поради загриженоста за постојаниот потенцијал за насилство, отстранивме нова содржина прикачена на каналот „Доналд Трамп“ бидејќи увидовме напад на кршење на нашите политики за поттикнување насилство“, стои во соопштението.

„Со оглед на постојаната загриженост за насилството, ние исто така ќе ги оневозможиме коментарите на неодредено време на каналот на претседателот Трамп, како што сторивме и на другите канали каде што има безбедносни проблеми во делот за коментари“, стои дополнително во известувањето.

Претседателот Трамп веќе беше суспендиран од Фејсбук и Инстаграм по немирите минатата недела во Капитол Хил, барем до трансферот на власт на Џо Бајден на 20 јануари.

Твитер отиде подалеку воведувајќи му трајна забрана. Твич на Амазон, исто така, го оневозможи неговиот профил на платформата. И Снепчат го заклучи неговиот профил. Спотифај, Пинтерест, ТикТок и Редит исто така презедоа чекори за ограничување на содржината поврзана со претседателот и неговите повици за оспорување на резултатите од изборите во САД.