Јутјуб и Пинтерест се борат против антивакциналните содржини на социјалните медиуми

Како одговор на растот на антивакциналните објави кои кружат на социјалните мрежи, Пинтерест и Јутјуб усвоиле политики на нулта-толеранција кон вакви содржини.

Јутјуб започнале да отстрануваат реклами на антивакциналните видеа, со што се ограничува можноста за заработка од таквите содржини.

„Имаме строги политики кои уредуваат на кои видеа се дозволени реклами и видеата кои промовираат антивакцинални содржини беа (и сè уште се) нарушување на политиките на Јутјуб и се сметаат за опасни и штетни дејствија“, изјавиле од секторот за односи со јавност на компанијата за Еуроњуз.

Тие додаваат дека видеата со ваква содржина веднаш се бришат од нивната платформа.

Од Пинтерест за Еуроњуз изјавиле дека нивните упатства за користење на платформата јасно потенцираат дека било какви објави кои штетат на јавното здравје, како што се антивакциналните пораки, веднаш ќе бидат отстранети од сајтот.

Компанијата посочила дека почнала да ги блокира пребарувањата поврзани со вакцинациите минатата година бидејќи резултатите излегувале содржеле погрешни информации. Една од стратегиите на Пинтерест, со кои треба да ја ограничат штетата од погрешните здравствени информации кои може да ги има на корисниците, е да се идентификуваат и блокираат веб-сајтовите кои експлицитно шират дезинформации на здравствени теми.

„На овој начин, содржините од овие веб-сајтови веднаш се бришат од Пинтерест и корисниците се банираат од споделување“, велат од платформата.

 

Фејсбук, пак, вели дека ги следат нивните строги упатства и додаваат дека антивакциналните објави често се подложуваат на проверка на фактите.

„Доколку информацијата е лажна, ќе биде избришана, а доколку содржината ги нарушува правилата на употреба се отстранува“, изјавиле од ПР секторот на социјалната мрежа.

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека сомнежите во вакцинацијата се нова закана по глобалното здравје.

„Вакциналниот сомнеж – неподготвеноста или одбивањето вакцинација и покрај достапноста на вакцините – се заканува да го наруши прогресот во борбата со болестите кои можат да се спречат преку вакцините“, предупредија од секторот за здравство на Обединетите Нации.

Истражување од 2018 година покажа дека Бугарија, Летонија и Франција се најскептичните држави во поглед на вакцините во Европската Унија.

Довербата во вакцините во делови од ЕУ е намалена поради зголемување на влијанието во политичката сфера на одредени антивакцинални групи, наведува извештајот. Темата на вакцинацијата беше топ тема оваа недела кога здравствените власти на Костарика изразија сомнеж дека невакцинирано петгодишно дете од Франција, кое било на одмор со неговите родители, било причина за повторно појавување на морбили во земјата.