„Јустиција“ – списание од студентите за студентите по право

„Јустиција“ списание во кое свои трудови ќе објавуваат студенти по право и млади правници, од различни области во правото, за теми за кои имаат познавање или се заинтересирани повеќе да истражуваат. Замислено е како платформа за академска едукација и надоградување, во која студентите слободно ќе можат да го покажат, но и да го развиваат својот талент. Првиот број ќе биде промовиран денеска, на Правниот факултет во Скопје, а се состои од најдобрите 13 трудови напишани од младите правници.

Како што појаснува Ангела Јанкоска, од студентската организација ЕЛСА, списанието ќе се издава еднаш во академската година за да се остави простор за студентите да творат и да создаваат квалитетни трудови.

„За оваа година ние сме позитивно изненадени од  интересот што го покажаа студентите и бројот на трудови кои ни пристигнаа. За жал, на крај моравме да направиме селекција, и некои не се објавени. Верувам дека оваа бројка ќе расте во иднина и дека конкуренцијата ќе биде уште поголема. При подготовката на Јустиција увидовме дека постои голем интерес помеѓу студентите, само треба да им се даде простор и шанса да се докажат“, вели Јанкоска.

Појаснува дека корените на „Јустиција“ датираат меѓу 2000/2001 година кога се објавувала редовно, но списанието замрело низ годините. Со првиот број, додава, возобнуваат една убава традиција и и даваат нов, современ изглед. Запрашана зошто е потребно вакво списание за студентите, Јанкоска вели:

„Затоа што е простор за креативна студентска мисла и е наменето да ги стимулира уште од млади години да размислуваат за развивање на правната наука.  Несомнено ќе помогне во развивање на правничката но и на критичката мисла, и верувам дека ќе стане предизвик на амбициозните студенти  и „глас на модерниот студент по право“, доказ дека на млади години можеш да дадеш свој придонес“.

Списанието го издава Европското здружение на студентите по право во Република Македонија, и целата идеја е да биде списание од студентите за студентите. Сепак, забележува Јанкоска, издавањето ќе било невозможно без помошта на Еуролинк Осигурување АД Скопје и Општина Дојран.

„Во иднина се надеваме дека ќе се надоградуваме и дека списанието ќе созрева заедно со студентите и ќе стане убава традиција, навистина потребна и корисна за младиот правник. Останува времето да покаже, но навистина се надеваме дека ќе си го пронајде своето место и ќе стане задолжително четиво за студентите. Веројатно нема подобра инспирација а и поголема гордост од зборовите на колегите, убаво срочени и поучни“, вели Јанкоска.

Покрај печатената верзија, списанието ќе биде достапно и електронски, на веб страницата на ЕЛСА РМ.