„Југоквир“ е темата на фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ кој ќе се одржи од 3 до 14 јуни

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје: Музеј на современа уметност (МСУ), Младински културен центар (МКЦ), Културно социјалниот простор Центар-Јадро и Театар Комедија.

„Овогодишното фестивалско издание, со темат ‘Југоквир’ цели да ги истражува контрахегемонистичките конфигурации на родово и сексуално отелотворување во квир (феминистички) изведувачки уметности и социо-културни практики за време на социјалистичка Југославија и по неа, како и различните изведби од страна на квир телата и субјективностите во културните и политичките перформанси, визуелната култура и супкултурните практики на светоградење“, велат организаторите на фестивалот.

Следствено, додаваат од „Викенд на гордостта“, централниот фокус на ова фестивалско издание се однесува на историските и контекстуалните нијанси, критичките и политичките телесни тактики и афективните реартикулации употребени во квир и квир феминистичките перформативни и кореографски практики.

„Овие практики ќе бидат анализирани во однос на вкрстувачките режими на угнетување, како што се хетеронормативноста, патријархатот, етнонационализмот, расизмот, авторитаризмот, државното насилство, религиозното непријателство и неолибералниот капитализам. Фестивалското издание им пристапува на овие практики како места за појава на опозициски контрајавности и малцински проекти што имаат светотворечки потенцијал“, истакнуваат оттаму.

Фестивалот започнува на 3 јуни во МСУ, со отворањето на изложбата „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“ – обемна архивска поставка на панк и квир културата од Словенија, курирана од Марина Гржиниќ, во соработка со Славчо Димитров.

Додека, на 4 јуни, во КСП Јадро, програмата ќе продолжи со симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“ со учество на теоретичарите, уметници и активисти: Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК.

На 5 јуни, во МКЦ, ќе се изведе перформансот на Алма Гачанин „Колку добро се покажа денес / How Well Did You Perform Today“, во партнерство со фестивалот „Прво па женско“. На крајот од истата недела, на 8 јуни, во Театар Комедија, ќе се одржи вечерта на раскажување квир приказни под наслов „СРАМОТА!“, во соработка со „ПичПрич“.

На 12 јуни, во МКЦ, следува танцовиот перформанс „Нестабилни другари / Unstable Comrades“ во концепт и кореографија на Игор Коруга, а на 13 јуни, исто така во МКЦ, ќе биде изведено кореографското соло „Атрас / Atrás“ на Александар Георгиев – Аце.

Фестивалот ќе се заокружи на 14 јуни во КСП Центар-Јадро со перформансот „Dissolutions“ на Маја Зечо и отворање на нејзината самостојна изложба „Незгодни иднини“, во кураторство на Џон Блеквуд.

Повеќе за програма може да најдете на следниот линк.

„Програмата го осветлува историското и современото квир културно творештво низ изложби, симпозиуми, перформанси и теориски рефлексии, создавајќи простор за критичка уметност, афективна солидарност и јавна имагинација. Преку изложби, дискусии, перформанси, танцови изведби и дистрибуција на знаења, фестивалот ги поставува прашањата за односот на квир телата и изведбите со политичките процеси на демократизација, јавниот простор, социјалистичките еманципаторски идеали, како и можноста за изградба на заедници и светови на отпор“, истакнуваат од фестивалот.

Куратор на фестивалот и уредник на теорискиот зборник е Славчо Димитров. Фестивалскиот тим го сочинуваат: Стефан Богески, Мања Величковска, Љубомир Фаизов, Наталија Видинска Атанасов. Преводот на каталогот од англиски го изработи Јулија Мицова, а на зборникот: Грација Атанасовска, Душица Димитровска, Душица Лазова, Јулија Мицова и Славчо Димитров. Издавач е Коалиција МАРГИНИ – Скопје. Графички дизајн: Игор Делов. Лектура: Виолета Танчева-Златева. Печатење: Дата Понс – Скопје.

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка, и во партнерство со Тиииит! Инк., Музејот на современата уметност – Скопје, А.К.Т; од Пфорцхајм, и Истражувачкиот центар при Словенечката академија на науките и уметностите.

„’Скопје Прајд Викенд’, ‘Прво Па Женско’ и ‘Перформанс Платформа’ го посветуваат јуни на современата и критичка перформанс уметност во танцот, театарот и визуелната уметност, како гест на грижа, релациска, политички ангажирана уметничка практика и акт на демократизирана јавна имагинација. Твориме простор за соработка, заедништво и размена, барајќи од институциите да го препознаат и континуирано да го поддржуваат“, заклучуваат од фестивалот.

Фестивалот е поддржан од Heinrich Böll Stiftung, Friedrich Ebert Stiftung, А.К.Т; и Global Fund for Women.