Јубилејно 30. издание на „Поетска ноќ во Велестово“

Јубилејната 30-та Поетска ноќ во Велестово ќе со одржи на 20 и 21 јули на локации во Велестово и Охрид. Оваа година Поетската ноќ во Велестово ќе биде посветена на најновата македонска поезија, а на вечерната програма ќе настапат шест поети: Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Елизабета Баковска, Николина Андова Шопова, Ѓоко Здравески и Исток Улчар.

Во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“ ќе биде отворена изложба „15 години – Арт поинт гумно“ со дела на уметници од светот.

Настанот ќе започне на 20 јули (петок) пред чешмата во Велестово од 21:00 часот.  Во сабота на 21 јули  предвидено е гостување на поетскиот настан „Имам нешто да ти кажам“ во кафе бар Шила во Охрид.

Во рамки на манифестацијата, а во соработка со Фондација „Славко Јаневски“ ќе се претстави  романот „Одбројување“ од Фросина Пармаковска, добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година. Настанот ќе се одржи 21 јули (сабота) во просториите на МАНУ (куќа „Уранија“), Охрид со почеток во 20 часот.

Во рамки на јубилејот ќе биде издадена книгата „Гласови на новиот век – панорама на поновата македонска поезија“ и јубилејното гласило на манифестацијата,  а во подготовка е монографија „30 години Поетска ноќ во Велестово“ која ќе биде промовирана следниот месец.

-Во рамките на јубилејната година од манифестацијата ќе изостане меѓународната програма на која требаше да се претстви најновата хрватска поезија.  На јавноста и е познато дека Министерството за култура не ја поддржа манифестацијата иако министерот Алаѓозоски на прес-конференцијата рече дека ќе вложи силни заложби за децентрализација на културата, а предност ќе имаат манифестациите со подолгогодишна традиција. Зад нас се 30 години.  Заради тоа од планираната програма изостанаа: гостување на пет хрватски поети и издавање книга посветена на современата хрватска поезија, ноќта посветена на македонската хаику поезијата, гостување на организатори  на сродни манифестации од Европа, настап на претходни учесници на манифестацијата. Манифестацијата со скратена програма ќе се одржи по покровителство на Општина Охрид, со поддршнана Комерцијална Банка и повеќе љубители и пријатели на „Поетска ноќ во Велестово“, велат организаторите.