Јубилеен концерт – 75 години од раѓањето на композиторот Стојан Стојков

Во понеделник, 21 ноември во 20 часот на Факултетот за музичка уметност ќе се одржи концерт во чест 75 години од раѓањето на композиторот и професор Стојан Стојков, во рамки на Есенските музички свечености.

Наратор на концертот ќе биде проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја, а студенти на ФМУ и професионални музичари ќе изведуваат дека на Стојков.

Неговиот творечки опус опфаќа дела од симфониското, вокално – инструменталното, сценското, вокалното, камерното, детското и други видови музичко творештво.  Како член на повеќе еѓународни организации и Форуми од областа на музиката, Стојков дава и огромен придонес за развојот и афирмацијата на македонската музичка култура. Неговите композиции се изведувани во повеќе од 20 земји во светот меѓу кои сите балкански и европски земји, САД, Канада и Русија и секаде предизвикувале посебен интерес. Познати домашни и светски хорови композициите на Стојков ги носат на својот постојан реперотар и за нивната изведба се наградувани на интернационално ниво. Сето ова Стојков како композитор го издвојува како еден од најпродуктивните и најпрепознатливите македонски композитори кои својата афирмација ја градат не само на домашно туку и на светско ниво.

За општествената и стручната ангажираност на проф. Стојан Стојков му се доделени повеќе домашни и меѓународни награди и стручни признанија, меѓу кои и најголемата државна награда „11 Октомври“.