ЈСП со упатство за студентите како да извадат годишен билет за бесплатен јавен превоз

ЈСП Скопје потсетува дека сите редовни студенти запишани за прв пат во учебната 2021/2022 година на некој од државните факултети во Скопје дека имаат право на користење на студентски годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз.

Процедурата за издавање на билетот се врши во центрите за персонализација на ЈСП Скопје.

„Неопходно е лично присуство на студентот кој треба да приложи потврда за редовен студент издадена од матичниот факултет, лична карта и индекс на увид и 200 ден, еднократен надомест за изработка на персонализирана картичка „Скопска“. На бруцошите, билетот автоматски им важи до истекот на наредната календарска година“, информираат од претпријатието.

Останатите студенти, за да ја продолжат важноста на билетот за 2022 година, треба да достават потврда за редовен студент не постара од еден месец и да приложат индекс со запишан зимски семестар.

Право на користење на билетот имаат сите редовни студенти на државните факултети во Скопје до додипломски студии, без ограничување на возраста.

„Потсетуваме дека единствено „Скопска“ со соодветниот билет е единствен валиден документ за бесплатно користење на јавен превоз од страна на студентите кои ги исполнуваат условите за студентски годишен билет. Не се признаваат индекс, потврда за редовен студент и слично“, истакнуваат од ЈСП Скопје.

Во меѓувреме, своја реакција упатија и од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од каде се разочарани што претпријатието и понатаму не овозможува онлајн систем за издавање на студентскиот билет.

„Во 2021. ЈСП се уште смета дека аплицирање преку шалтер е единственото изводливо решение, а онлајн аплицирањето е ,,НЕИЗВОДЛИВО”, се вели во нивната реакција.

Инаку, студентскиот годишен билет за бесплатен превоз важи за неограничен број возења за сите линии (градски и приградски), но не и за превоз во ноќна тарифа.

За дополнителни информации, од ЈСП Скопје ги повикуваат студентите да се обратат на 02-3171-881, како и на фејсбук страната на претпријатието facebook.com/jspskopjee.