ЈСП: Денес изменет автобуски режим поради три протести

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ги информира корисниците на јавниот превоз дека денеска (12 јули) поради најавени три протести, голем дел од автобуските линии ќе бидат пренасочени, а дел од нив ќе возат по скратена траса од вообичаената.

„Автобусите од јавниот превоз, како возилата на ЈСП Скопје, така и на приватните превозници, ќе сообраќаат согласно условите на терен и наложениот режим од страна на сообраќајната полиција“, велат од ЈСП.

Поради протестот на „Бит пазар“ предвиден во период од 12 до 16:30 часот, изменет режим на сообраќање ќе важи за автобуските линии 2, 8, 9, 12, 17, 19, 45, 50, 54, 55, 57, 59, 62, 63, 63А, 63Б, 65, 65А, 65Б, 65В, 73, како и за сите останати градски и приградски линии кои по редовната траса минуваат преку Бит пазар.

Најавен е и протест во период од 15 до 17 часот на крстосницата на „Рузвелтова“ со булевар „Партизански одреди“. Автобусите што сообраќаат во овој реон ќе возат во зависност од моменталните услови на терен, односно по траса наложена од сообраќајната полиција.

Вечерва во период од 20 до 22:30 часот поради протест пред Собрание на РМ, затворен за сообраќај ќе биде центарот на градот. Возилата од јавниот сообраќај ќе бидат пренасочени по улица „Даме Груев“ (позади Собрание на РМ) и по булевар „Свети Кирил и Методиј“ (Рамстор).

За подетални информации за изменетиот режим на сообраќање и трасата на конкретна линија, корисниците на јавниот превоз може да се јават во Оперативниот контролен центар на ЈСП Скопје на 3173-224.