Утрово во Јавно претпријатие „Лајка“ добиле повик за, како што велат, крајно вознемирувачка случка која повторно потсетува до каде може да оди човечката суровост. Според нив, непознат сторител извршил монструозен чин и фрлил куче од железничката станица во Скопје.
„Нашиот тим веднаш интервенираше и го префрли кучето во амбуланта, каде што беа вложени максимални напори од страна на нашите доктори. За жал, и покрај сета борба, Нори – куче кое уште во 2023 година помина третман кај нас – денес го изгуби животот поради силно внатрешно крварење“, известуваат од „Лајка“.
Нори често била забележувана на повеќе локации низ градот, а според сите сознанија на претпријатието, се работело за питомо и мирно куче кое никому не пречело.
„Овој бесправно и сурово одземен живот нема да остане незабележан. Настанот веднаш ќе биде пријавен до надлежните институции, до кои апелираме да ги искористат сите механизми за пронаоѓање и санкционирање на сторителот на ова тешко кривично дело“, потенцираат од „Лајка“.
Оттаму апелираат и до граѓаните – доколку сте сведоци на вакви дела, пријавете ги веднаш. Само со заедничка реакција, додаваат, можеме да ставиме крај на ваквото насилство и да изградиме општество во кое животите на животните се почитуваат.