Јосифовски: Законот што требаше да го поттикне донирањето храна заглавен во институциите

Законот за донирање на вишок храна со кој ќе се дефинираат правилата за донирање и ќе се уреди целиот систем  за донирање храна сè уште не ја видел светлината на денот, иако поминаа речиси три години откако започна првичната постапка за негово иницирање, со кое ќе се придонесе вишокот храната да се донира наместо да се фрла.

Предлогот останал кај институциите кои требало да го „досредат“, да му дадат последна верзија и на крај да го предложат, а оттаму тој да пропатува до Владата. На крај тој требаше да се најде во Собранието, но таму никогаш не влезе. Вака претседателот на Асоцијацијата „Ајде Македонија“ и координатор на мрежата „Сите сити“, Блаже Јосифовски кој бил вклучен и во работната група за носење на законот го објаснува процесот за Радио МОФ.

„Мислам дека имаше влијание и изборите и целата ситуација нормално. Прво изборите кои требаше прво да бидат во април и автоматски не можеше никако да стигне во Собрание, ако воопшто го планираа, а ова сега со ковидов претпоставувам дека не беше приоритет, да видиме сега со новиот состав на Влада дали ќе биде заинтересирани да го донесат законот“, вели Јосифовски.

Во спроведувањето на законот предвидено е улога да имаат повеќе инситуции, но Јосифовски потенцира дека еден од проблемите во процесот бил тоа што, како што вели, никој не сакал да преземе одговорност и да го предложи законот, односно да биде носител на законот.

„Ниедно министерство да каже ние сме носители, се беше некако на сила, на туркање, на притисок, дека мораат, па насоки, со назначувања и на крај искрено не знам што се направи, требаше ако не се лажам Министерството за земјоделие да го предложи, можеби грешам, не знам. Колку што знам последно во Влада на некоја седница имало расправа, не сакале да се нафатат некој да го предложи, да бидат носители на законот, пред се поради тоа што е комплексен, треба повеќе институции да се усогласат. Од последен пат кога работната група имаше последен состанок, пред една година, оттогаш немаме никаква информација што се случи“, потенцира тој.

Јосифовски подвлекува дека е потребен закон кој ќе го поттикне донирањето на вишок храна, но предупреди тој да се носи претпазливо, затоа што, како што вели, една е верзијата која ќе се договори по работните групи, а потоа друга е верзијата која се предлага како крајна во Собрание.

Тој смета дека малку фали ваква чуствителна тема, како што вели тој, среден закон и нефункционален да направи целосно да сопре таа сфера. Дополнително, како што објаснува, Јосифовски е за закон кој би го поттикнало донирањето на вишок храна, односно, како што вели, тоа би значело да се помогне за помало оптоварување со процедурата за даночни ослободувања и поттикнувања. Во меѓувреме, исто така, со тоа, тој бара и да има полабава регулатива во однос на администрацијата, поради како што вели, никоја од организациите нема капацитет доколку им се наметне бирократија.

„И важно е државата да даде одредена поддршка пред се финансиска, потоа и инфраструктурна итн.. за да заживее областа“, објаснува Јосифовски.

Владата претходно, на седница одржана на 20 август минатата година, го задолжи министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство во рок од 15 дена да го подготват и достават до нив предлог-законот за донирање на вишок храна, a тој на 7 септември минатата година „помина“ и на електронскиот национален регистар на прописи

Според податоците на „Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации“ (ФАО), во земјава 30% од храната завршува како отпад, а проценките на „Ајде Македонија“ се дека околу 460.000 луѓе не можат да си ги дозволат сите оброци во денот. Дополнително, според организацијата земјава истовремено е на 10 место во светот по фрлање на храна.

Мартин Колоски