„Јон Вардар против Галаксијата“ награден за најдобар анимиран филм во Романија

Првенецот на македонската анимација „Јон Вардар против Галаксијата“ ја освои наградата за Најдобар долгометражен анимиран филм на 6. издание на „Galactic Imaginarium Film Festival“ во Романија – иновативен фестивал кој ги спојува филмот, литературата и новите технологии во областа на фантастиката.

Ова признание е трето по ред за филмот, по наградите за најдобар долгометражен анимиран филм на „Portoviejo International Film Festival“ во Еквадор и „Ariano Film Festival“ во Италија. Со тоа филмот ја продолжува својата фестивалска кариера и ја афирмира македонската продукција како значаен играч на меѓународната сцена на независна анимација.

„Наградата ја посветувам на сите членови на екипата кои неуморно работеа за да го претворат овој филм во реалност, и на сите оние кои помогнаа во ова историско остварување за македонската кинематографија“, изјави режисерот Гоце Цветановски.

Филмот, кој ја спојува авантуристичката научна фантастика со хумор и сатирични елементи, веќе привлече внимание на триесетина фестивали низ Европа, Јужна Америка и Азија.

Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, директор на анимација е Димитар Ѓоргиев, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.