#JeSuisCharlie: Светот жали за загубените животи во нападот врз редакцијата на „Charlie Hebdo“

Стотици илјади пораки со поддршка ги преплавија социјалните мрежи по вчерашниот напад врз редакцијата на сатиричниот француски неделник „Charlie Hebdo“ во Париз во кој тројца вооружени луѓе убија најмалку 12 лица, десет новинари и двајца полицајци.

Ова беше причината поради која веб страницата на неделникот беше покриена со црна позадина на која со бели букви беше испишано „Je suis Charli“ односно „Јас сум Шарли“. Фразата многу брзо стана симбол на поддршка и солидарност за семејствата на загинатите во нападот.

Реакции и поддршка стигнаа од целиот свет. Само на Твитер, фразата „Je suis Charli“ била спомената повеќе од 250 000 пати, додека на Фејсбук и Инстаграм се шири слика од црна позадина на која со сиви букви беа напишани зборовите.

Голем број на весници низ светот денеска изразија почит кон францускиот неделник.

Овој настан поттикна дебата за медиумската цензура откако организацијата „Репортери без граници“ побара медиумите да ги објават карикатурите во целост.

„Слободата на информацијата не смее да се намали пред варварството и да подложи на уцени од оние кои ја нападнаа нашата демократија и она зад што нашата држава стои. Во име на сите оние кои паднаа бранејќи ги фундаменталните вредности, дозволете ни да ја продолжиме борбата на „Charlie Hebdo“ за слободна информација“, изјави организацијата.

Вечерта во Париз, голем број граѓани се собраа на „Плоштадот на Републиката“ со пенкало и транспаренти во раце да испратат порака дека „убијците нема да победат“ и „тие не се плашат“.

Но, граѓани спонтано се собираа и во другите поголеми француски градови како и во главните градови на Шпанија, Германија и Англија.

Првично на Твитер, а потоа и на Инстаграм со своја уникатна порака се појави и карикатура која се верува дека е од уличниот уметник Banksy.

„Да се биде муслиманец не значи дека си терорист, напротив“, е една од пораките со кои и луѓето од муслиманска вера дадоа почит и солидарност за загинатите.

Но, ова не е првпат редакцијата на „Charlie Hebdo“ да биде нападната. Во 2011 година била бомбардирана поради прикажување на карикатура од Пророкот Мухамед, но тогаш немало повредени.